„Премиерата во Босанско народно позориште Зеница помина исклучително добро. Публиката одлично ја прифати и сфати претставата. И јас и целокупната екипа сме презадоволни од приемот на она што го подготвувавме повеќе од шест месеци“, изјави за весникот „Вечер“, режисерката Нина Николиќ, која деновиве се врати од Босна

Театарската претстава „Отело“ на Вилијам Шекспир, копродукциски проект на Перипетија продукција, Македонски народен театар и Босанско народно позориште Зеница, во режија на македонската режисерка Нина Николиќ, деновиве имаше премиерно претставување во Босна, каде собра аплаузи и позитивни критики.

„Премиерата во Босанско народно позориште Зеница се случи на 16 ноември и помина исклучително добро. Публиката одлично ја прифати и сфати претставата. И јас и целокупната екипа сме презадоволни од приемот на она што го подготвувавме повеќе од шест месеци“, изјави за весникот „Вечер“ режисерката Николиќ која деновиве се врати од Босна.

Таа посочи дека за „Oтело“ се интересирала од поодамна, но во моментов биле создадени услови и екипа за нејзино поставување.

„Генерално ме интересираше љубомората како доминантна емоција кај најголем дел од ликовите која води до еден толку трагичен и неочекуван крај. Сакав да ја прикажам суштината на приказната преку соголување, но не и поедноставување на јазикот. Заедно со мојот драматург Тамара Барачков, направивме адаптација која, на мое огромно задоволство, комуницира одлично со младата публика“, вели Николиќ.

Во претставата играат: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ – Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.

Запрашана за искуството и соработката со актерите, Николиќ посочува дека тоа било фантастично искуство, со убава екипа која соработувала меѓусебно.

„Тоа што во претставата говориме на два јазика за нас беше огромен предизвик и одговорност да ја направиме приказната разбирлива, а јазикот наместо пречка да ни биде алат за збогатување на она што го презентираме пред публиката“, вели таа.

Како копродукциски проект претставата се подготвувала на две локации, Охрид – каде се одржале дел од читачките проби во мај оваа година, и Зеница – каде што се работело речиси три месеци и тоа во две фази. „Мислам дека токму должината на процесот беше клучна за вистински да го разбереме материјалот кој го работавме“, додава Николиќ.

Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, костимограф е Ивана Каранфиловска – Угуровска, сценски движења на Димитриос Сотириу, дизајнер на светло е Крис Јегер, а композитор е Дуке Бојаџиев.

Македонската премиера ќе се одржи на 4 декември, со почеток од 20 часот, во Македонскиот народен театар. (Н.И.Т.)