Францускиот музички бисер со носталгичната  “Yougoslavie, je t’aime“ – Тереза, емотивно ја испеа по смртта на маршал Тито – Во знак на сеќавање на музичкиот Ден на Републиката 29 ноември

306

Музичко-ЈУ ретро…кон денешниот 29 ноември!

Во она дамнешно време, кога сите ние од Вардар до Триглав сложно ја оплакувавме смртта на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, во Франција, во Париз премиерно беше создадена и испеана една од најубавите песни во кои се пее за земјата Југославија. Никому тогаш, па ни на француските автори на песната ни на сон не им беше дека по десетина години подоцна таа убава и моќна држава така лесно ќе се распадне во крвавата граѓанска војна.

Песната „Југославијо, те сакам“ во оригиналната француска верзија ја испеа најпопуларната тогашна југословенска пејачка во Франција, дубровчанката Тереза Кесовија. На Денот на Републиката 29 (и 30) ноември, песната повторно доби на својата актуелност. Живна!

За самата песна пејачката Тереза ќе каже дека од сосема разбирливи причини и сè уште живи последици од војната, не ја пее на свои концерти и ако ја смета за една од најубавите песни кои ја има снимено во долгогодишната кариера.

-Невозможно е сега на концерти да ја пеам „Југославијо, те сакам“ после крвавата војна. Мене ми е големо задоволство што песната е напишана од самите француски композитори и текстописци кои со тоа покажаа искрено почитување кон тогашната Југославија и маршалот Тито. Напишана е со многу емоции, а со уште повпечатливи емоции, тогаш јас ја испеав.

Песната има и свое видео издание, во кое Тереза поради националната  жалост по починатиот Тито е облечена во долг црн фустан. Кога се појави на музичкиот пазар во Франција оригиналната верзија “Yougoslavie, je t’aime“ беше вистински музички хит, присутна на голем број нивни топ-поп листи. Грамофонската плоча со таа песна во тие денови на жалоста по Тито и во Франција и во Југославија (издадена од “Југотон) доживеа фантастична продажба.    Д.М.