Наградата „Голем бран“ наменета за најдобро филмско остварување на тукушто завршеното 5. издание на „Beach Film Festival“ е доделена на филмовите „Кучка, погрден збор за жена“ во режија на Тијана Зијаниќ и „Бесконечно море“ во режија на Карлос Амарал. Добитник на наградата „Мал бран“, пак, за краток филм е „Сестри“ во режија на Кукла Кешеровиќ.

Награда за најдобро актерско остварување, „Стефан Сидовски Сидо“ ja доби актерката Анаис Демостие од филмот „Вљубената Анаис“, а „Special Mention“ – награда за најдобар краток студентски филм кој секоја година го избира публиката е филмот „Слобода“ на режисерката Јоана Розниак.

Наградите беа доделени на плажата Славија од страна на жирито во состав на германскиот режисер и кинематографер Фред Келемен, режисерот Срѓан Драгојевиќ и режисерот Кавех Захеди.

Годинешниот „Beach Film Festival“ се одржуваше на четири локации, плажата Славија, предворјето на Св. Софија, Лапидариумот и бродот Армада, а публиката имаше можност да ужива во повеќе од 40 филмови.