„Риба“ од Лазар Личеноски, масло на панел (1959); „Пејсаж“ од Димитар Андонов Папрадишки, масло на платно (1897); „Ранобудник“ од Борислав Траиковски, масло на платно (1977)… се некои од уметничките дела што ќе може да се видат на изложбата што ќе биде отворена во „Мала станица“, на 7 декември во 19:30 часот. Пред македонската јавност ќе бидат претставени 80-ина ремек-дела од богатата колекција на Националната галерија

„Фауната од колекцијата на Националната галерија“ е насловот на второто издание на циклусот „Од поинаков дискурс“, изложба што ќе биде отворена пред македонската јавност во „Мала станица“, на 7 декември во 19:30 часот. Посетителите ќе имаат ексклузивна можност да видат 80-ина дела од богатата колекција на Националната галерија, меѓу кои на Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ и многу други. Меѓу изложените дела се и сликите „Риба“ од Лазар Личеноски, масло на панел (1959); „Пејсаж“ од Димитар Андонов Папрадишки, масло на платно (1897); „Ранобудник“ од Борислав Траиковски, масло на платно (1977)…

„’Од поинаков дискурс’ е проект што го осмисливме со тенденција да ја иницираме желбата за промена и инвентивност и да се испробаме во неистражени домени, сиже, медиуми, со цел да пристапиме кон поинакви, нови, видоизменети исчитувања, систематизации и класификации на културното богатство со кое располага Националната галерија. Воведувањето надворешен „куратор“ кој не е од директна уметничка провиниенција, т.е. интелектуалец чии широки академски интереси индиректно ја вклучуваат визуелната уметност како писатели, филозофи, режисери, глумци… чиниме дека ќе понуди една поинаква пристапност, нестандардна тематика, специфичен паноптикум на гледање на методологиите во истражувањето или презентирањето на делата од нашата колекција. Поканетите куратори работат во тесна соработка со внатрешните куратори кустоси во Галеријата и како резултат на нивната плодна работа ќе произлезат овие сесии на повеќегодишно осмислениот проект ‘Од поинаков дискурс’“, посочува д-р Ана Франговска, организатор на изложбата.

Второто издание, „Фауната во колекцијата на Националната галерија“, е концепт осмислен од проф. д-р Иван Џепароски и тој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.

„Она што се случува во последниве деценија-две во сферите на теоријата и на естетиката, несомнено, е појавувањето на еден своевиден теориски „животински пресврт“ (animal turn), сроден на поранешните лингвистички, постмодернистички, постколонијални, родови или дигитални пресврти, зашто оставањето на светот на животните на маргините на филозофските, антрополошките, социолошките, книжевните или на уметничките истражувања денес веќе не е можно, а појавувањето, пак, на низа мултидисциплинарни истражувања покажува дека разделувањето на човечкиот свет од светот на животните носи низа политички, еколошки, етички и биоетички проблеми, кои бараат преосмислување на третманот и на претставата на животните во книжевните, а оттаму и во уметничките дела од минатото и од денешницата. На овој план, секако, треба да се укаже и на појавувањето голем број дела посветени на оваа проблематика, меѓу кои се истакнуваат повеќе остварувања, од кои укажувам на две: книгата на авторите Клинџендер, Антал и Хартан под наслов „Животните во уметноста и во мислењето“ и зборникот подготвен од Ененкел и од Смит насловен „Раната модерна зоологија: конструкцијата на животните во науката, книжевноста и во визуелните уметности“, дело во кое овие прашања мошне успешно се тематизираат“, пишува проф. д-р Џепароски во својот текст кон изложбата.

Иван Џепароски (1958, Скопје) е поет, филозоф и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што магистрирал и докторирал. Автор е на дваесет и пет книги, а за своето творештво ги има добиено наградите „Млад борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Работи на Филозофскиот факултет во Скопје, како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија и секретар на Македонскиот ПЕН-центар. Се занимава и со превод. Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над десетина странски јазици во светот. Меѓу поетските дела се „Слики од изложбата“, „Еклоги“, „Песни“, „Волја за мисла“, „Грабнувањето на Европа“, „Светлината на Света Гора“. (Д.Т.)