Улицата „Ленинова“ готова до средината на јули

83

Градежните активности на улицата „Ленинова“ се одвиваат со интензивна динамика, а до сега готови се речиси 70 отсто од реконструктивните зафати.

Како што информираат од Општина Центар, во моментов, се уредува горниот строј на улицата и тротоарите.

-Веќе е поставена атмосферската, водоводната и фекалната канализација, кабловската мрежа е спуштена под земја и се отстрануваат старите дрвени бандери, а тротоарите се ослободуваат – соопштија од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека се поставуваат бехатон плочки на пешачките патеките, финишира изведбата на велосипедските патеки, се оформува урбаното зеленило и се работи на изведба на резидентните паркинзи.

Краен рок за завршување на реконструкцијата на улицата е средина на јули.

-По реконструкцијата, граѓаните ќе добијат улица со нов лик и повеќе зеленило, нови тротоари, резидентен паркинг по цела должина на улицата, нова урбана опрема и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување – потенцираат од локалната самоуправа.