Украина ја намали возраста за мобилизација од 27 на 25 години

55

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша нацрт-закон со кој се предвидува намалување на возраста за воена мобилизација од 27 на 25 години, додека на вооружените сили им недостигаат луѓе за да се спротивстават на руската инвазија. Овој предлог-закон, кој пред една година беше изгласан во украинската Рада и се чекаше на потпис од претседателот, ќе стапи на сила во среда, се наведува на веб-страницата на парламентот.

Украинската влада потоа мора да ги усогласи различните регулаторни текстови со новата возраст за мобилизација во рок од шест месеци. Украинската армија претрпе загуби, чиј обем се чува во тајност, а денес, за разлика од почетокот на конфликтот, се бори да најде доброволци за фронтот.

Володимир Зеленски во декември 2023 година рече дека армијата му понудила мобилизација на до 500.000 дополнителни луѓе, број што новиот врховен командант на украинската армија, Олександр Сирскиј, оттогаш го намалил. Сегашниот систем на регрутирање многу Украинци го сметаат за нефер, неефикасен и често корумпиран, а има и барања за демобилизација на оние кои долго време се на фронтот.