Турски новинар осуден на 10 месеци затвор според новиот Закон за „дезинформации“

71

Турски Суд денеска осуди новинар на 10 месеци затвор за ширење „дезинформации“, со што ја изрече првата казна според новиот закон за кој опозицијата обвинува дека ја загрозува слободата на говорот.

Пред четири месеци, турскиот Парламент усвои „закон за дезинформации“ за кој владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган вели дека ќе ја заштити јавноста од ширење лажни или погрешни информации.

Синан Ајѓул, новинар од округот Битлис во источна Турција, беше приведен на почетокот на декември откако на Твитер објави дека 14-годишно девојче било сексуално злоставувано од мажи, вклучително и полицајци и војници.

Тој ја избриша објавата и се извини што ја напишал без потврда од властите, но подоцна беше уапсен. Десет дена подоцна беше ослободен од истражниот затвор.

На првото рочиште за случајот, денеска, локалниот суд го осуди Ајѓул на 10 месеци затвор, пресудувајќи дека ширел погрешни информации кои можат да предизвикаат страв и паника кај јавноста, покажуваат судските документи. Ајѓул ќе остане на слобода до разгледувањето на жалбата на пресудата.

Законот предвидува затворска казна до три години за секој што шири лажни или погрешни информации. Партијата на правдата и развојот и нејзиниот сојузник Партијата за националистичка акција велат дека нивната цел е да се борат против дезинформациите. Турските опозициски партии и критичарите на законот рекоа дека властите би можеле да го злоупотребат за да ги замолчат гласовите на дисидентите.

Турција е меѓу земјите кои најчесто апсат и осудуваат новинари, според извештајот објавен во декември од страна на Комитетот за заштита на новинарите. Бројот на новинари затворени во Турција се зголеми од 18 во 2021 година на 40 во 2022 година, што е најголем број во светот по Иран, Кина и Мјанмар, соопшти Комитетот.