Трубарево ќе добие нова детска градинка, а Хиподром спортски комплекс

Што се однесува до обновувањето на Домот на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, вели дека се предвидуваат средства за реализација на овој проект од обврзницата за брз развој, која Општина Гази Баба планира да ја издаде во следниот период. – Верувам дека ќе успееме да го реконструираме домот и тој да претставува еден културен простор во рамките на кој граѓаните на Општина Гази Баба ќе имаат можност да следат богати културни програми – потенцира Стефковски

144

Анела Петрова

Во наредниот период, во Општина Гази баба ќе се реализираат повеќе капитални проекти. За тоа кои ќе бидат тие, кога ќе се реализира зонското паркирање и кои се плановите за руинираниот објект на некогашниот Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто и неговото возобновување, зборува градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Кој капитален проект го подготвувате за жителите на Општина Гази Баба?

2023 е година на напредок и развој за Општина Гази Баба. На почетокот од годината започнавме со изградба на нова канализациска мрежа во должина од девет километри. Дополнително, по цели 60 години, започнавме со изградба на нова училишна сала во ООУ „Наум Охридски“ во Булачани, што е еден голем капитален проект, а пред три месеци ја пуштивме во употреба спортската сала во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци. Со задоволство можам да најавам дека во завршна фаза е обезбедувањето на проектно-техничката документација за изградба на нова детска градинка во Трубарево и верувам дека некаде до крајот на летово ќе се започне со нејзина изградба. Оваа година, Општината ќе реализира многу проекти. Ќе се асфалтираат над 40 локални улици, ќе се изградат спортски игралишта со тартан подлога, спортски игралишта со подлога од вештачка трева, нови детски катчиња, Хиподром ќе добие нов спортски комплекс на местото на старото училиште „Вера Јоциќ“ и многу други проекти.

Го презентиравте проектот за зонско паркирање пред жителите на Автокоманда. Зошто сè уште не почнал да се реализира, кога ќе стартува? Дали неговата реализација ќе го реши проблемот со паркирањето?

Општина Гази Баба изработи студија за сообраќаен режим во Автокоманда, во чии рамки се опфатени повеќе мерки што треба да ги реализираме, а со цел да се реши проблемот со сообраќајниот хаос во населбата. Во таа насока е и проектот за воведување зонско паркирање. Како градоначалник, одржав неколку средби со жителите од Автокоманда, а истовремено Општината спроведе и теренска анкета во рамките на која беа посетени сите домаќинства во Автокоманда. Согласно со резултатот од неа, граѓаните даваат поддршка за имплементација на зонското паркирање, а и лично сметам дека тоа е дел од решението на проблемот. Што се однесува до неговата реализација на терен, Општината го обезбеди потребниот проект, кој е доставен до Градот Скопје на мислење, а потоа и до МВР со цел добивање согласност.

Ниту еден од  градоначалниците не успеа да го возобнови Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто. Кои се Вашите намери и планови околу овој објект?

За реконструкцијата на Домот на културата во Ченто, Општина Гази Баба веќе започна со обезбедување на проектно-техничката документација. Средствата за реализација на овој проект ги предвидуваме од обврзницата за брз развој, која Општина Гази Баба планира да ја издаде во следниот период. Верувам дека ќе успееме да го реконструираме Домот и тој да преставува еден културен простор во рамките на кој граѓаните на Општина Гази Баба ќе имаат можност да следат богати културни програми.

На местото на „Бриколаж“ требаше да се гради маркет од синџирот „Лидил“. Што велат Вашите информации, кога ќе започнат активностите и што ќе значи тоа за Општината?

Немам информации кога економскиот оператор има во план да започне со изградба на нов маркет, а Општина Гази Баба е отворена за соработка со инвеститорите што сакаат да градат на наша територија. Изминатиов период, како градоначалник, одржав голем број средби со инвеститори од Македонија, но и од надвор, на кои го презентираме инвестицискиот потенцијал што го има нашата Општина. Секоја инвестиција во Општината е добредојдена.

Со денови е актуелен проблемот со одземањето на                                      ингеренциите над градинката „Детска радост“ во Автокоманда од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Родителите се револтирани, се организираат. Кои се Вашите сознанија, што може да се очекува во врска со овој случај?

За жал, изминатиов период сите ние бевме сведоци како министерката за труд и социјална политика се стави во директна заштита на разрешената директорка за која постои ревизорски извештај на лиценцирана независна ревизорска куќа, која има утврдено низа неправилности во работењето на детската градинка. Откако не успеа да изврши притисок врз мене да ја вратам разрешената директорка на позицијата директор во детската градинка, министерката одлучи незаконски да донесе одлука со која ми ги одзема надлежностите за именување директор на градинката. Постапката на министерката не може да го прикрие незаконското работење што го утврдила ревизијата, па затоа останува на Јавното обвинителство и на Државната комисија за спречување на корупцијата да се произнесат за моите пријави. Реакциите на родителите во јавноста ги следам со внимание и давам лична поддршка како градоначалник, но, пред сè, како родител на дете кое е згрижено во таа детска градинка.

Иако Општина Гази Баба нема директни ингеренции врз парк- шумата Гази Баба, што е тоа што би можеле да го преземете за таа да стане атрактивна за туристите и за посетителите, кои се Вашите планови? 

Парк-шумата Гази Баба претставува прекрасно место за одмор и рекреација на жителите на Општината, но и на Градот Скопје. Како локална самоуправа, вршиме постојана промоција на парк-шумата преку организирање најразлични настани. Многу често, слободното време за викендите го поминувам со семејството, уживајќи во природните убавини што ни ги дава оваа парк-шума и ги повикувам сите граѓани да ја посетат и да уживаат во неа.