Тридневна жалост во Грција, повеќето загинати се деца и студенти: Истрагата ќе покаже како возовите завршија на иста пруга

199
EPA-EFE/ACHILLEAS CHIRAS

Во тек е истрага за тоа како возовите се судриле во Грција кај Лариса и загинале најмалку 36 патници. Спасувачките екипи се уште се на терен и ги пребаруваат вагоните, бидејќи се стравува дека во нив се уште има повредени и мртви.

Премиерот Киријакос Мицотакис прогласи тридневна жалост низ целата земја, а властите спроведуваат итна истрага за тоа како се случила оваа трагедија.

Според изјавите на надлежните дошло до судир на патнички и товарен воз кои се движеле во различни правци. Велат дека се работи за директен судир.

Засега нема објаснување како возовите завршиле на истите пруги со оглед на тоа што линијата од Солун до Атина е двонасочна.

Што доведе до несреќата во која се судрија два воза, од кои едниот во правец кон Лариса, а другиот во правец на Солун, ќе открие истрагата“, кусо соопштија надлежните.

Спасувачот кој се нашол на местото на несреќата за медиумите изјавил дека на местото на инцидентот биле испратени 20 доброволци, но не можело да се приближи до првите вагони токму поради огромниот пожар. Зборувајќи за идентитетот на жртвите, спасувачот рече дека повеќето од нив се студенти.

– Повеќето од загинатите што ги најдовме се мали деца, а 80 проценти се млади мажи и жени на возраст под 30 години.

Грчките медиуми објавија дека меѓу 350 патници во возот, поголемиот дел биле студенти кои по продолжениот викенд се враќале или дома во студентските кампуси.

Според официјалните информации од портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис операцијата за пронаоѓање на исчезнати е во тек и акцијата е фокусирана на првите три вагони.

Со помош на специјални кранови се отстрануваат делови од возот за да се создадат услови за целосен пристап во вагоните. Интервенираат 150 пожарникари со 17 возила, четири кранови, а на располагање се 30 возила на брзата помош.

Причината за несреќата и понатаму е непозната, а како што соопштија од компанијата „Hellenic Train“, возот со околу 350 патници што сообраќал на релација Атина – Солун директно се судрил со товарен воз. Од директниот судир, вагоните излетале од шините, по што избил и пожар.

Првиот вагон веројатно е целосно изгорен, а биле извлечени и јагленосани тела.