Трибина на КОВЗРГ: Теологијата и верата треба да бидат поткрепа за современиот човек

102

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи организираше трибина на тема „Како да се радуваме на кризни времиња?“ во соработка со верските заедници на којашто се обратија претставници на повеќе верски заедници во државата.

Директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски, во неговото обраќање на вечерашната трибина рече дека веќе неколку години, без разлика на возраст, убедување, припадност и разни афилијации сите почувствувавме што значи страв и што значи неизвесност.

– Живееме во постојана здравствена криза, неочекувано се надоврза силна економска криза, еве започнува и енергетска криза, веќе подолго време се плашиме и од ескалација на безбедносната криза, а за кризата што ја предизвикува постојаната ерозија на општествените вредности, нагласи тој.

Човекот во вакви времиња целото свое внимание пробува да го насочи кон она што го опкружува, продолжи Сотировски, ценејќи дека доколку најде решение за она што го опкружува и она што е околу него, ќе најде мир и задоволство во она што е во него. Но дали е тоа така говорниците ќе пријдат во суштината на проблемот.

Претставникот на Еврејската заедница во земјава, Самуел Садикарио, рече дека тешкото треба да се живее како лесно, дека не треба да се лицемерува, лакоми и завидува и дека треба да се биде богат со малку.

Марјан Димов, како претставник на Евангелско-методистичката црква, рече дека кога се зборува радост тоа сите го посакуваат но кога се збори за кризни времиња сите ја вртат главата на другата страна, но колку повеќе се спомнува зборот криза човекот се повеќе копнее кон радоста.

Претставникот на Исламската верска заедница кажа како советувал пророкот Мухамед за однесувањата и размислувањата на луѓето во кризни времиња и околу начинот кој е потребен за справување со истото.

Г. Климент, Епископ хераклејски од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, рече дека човекот во актуелниот век често останува осамен во својот пат и укажа на неколку историски примери во светот во врска со кризата и справувањето со разните проблеми.

Дон Томас Бак, жупник на Католичката црква, посочи дека човечката криза почнала уште од, како што спомна, времето на Адам и Ева кога човекот го напуштил односот со Бога но даде и примери како сепак треба да се упатат молитви кон Бога.

Модератор на трибината на КОВЗРГ беше претседателот на Балканскиот институт за вера и култура, Коста Милков.

Целта на трибината, како што претходно известија од КОВЗРГ, е да пробуди надеж и охрабрување на современиот човек, дека и кога е најтешко продолжува борбата, верба во подобро утре, но и потпирањето во Бога кој е секогаш со нас. Според КОВЗРГ теологијата и верата треба да бидат силна поткрепа за современиот човек.