Тензиите растат, а закон против овој чин – НЕМА: Данците и Швеѓаните продолжуваат да го палат Куранот

98

Во понеделникот во Шведска и Данска повторно беа запалени копии од Куранот, а владите на двете нордиски земји рекоа дека истражуваат како можат законски да спречат вакви инциденти во обид да ги намалат зголемените тензии со неколку муслимански земји.

Во последниве недели се одржаа неколку протести во Данска и Шведска, за време на кои копии од Куранот беа запалени или оштетени на други начини.

Ова предизвика гнев во земјите со муслиманско население, кои бараат од нордиските власти да го спречат и запрат палењето на светата книга на исламот.

Данската влада во неделата објави дека ќе бара да најде „правна алатка“ што ќе им овозможи на властите да интервенираат кога ќе се одржат вакви протести, доколку се оцени дека предизвикуваат „поголеми негативни последици за Данска, не само во однос на безбедноста“.

„Се надеваме дека фактот што покажуваме како работиме на ова и во Данска и во странство ќе придонесе за деескалација на проблемите со кои се соочуваме“, изјави министерот за надворешни работи, Ларс Расмусен, за новинарите во понеделникот по состанокот во парламентот.

„Не затоа што чувствуваме дека сме под притисок, туку според нашите политички анализи сметаме дека тоа е во најдобар интерес на сите нас. Не треба само да седиме и да чекаме ова да експлодира“, рече Расмусен.

И покрај тоа, палењето на Куранот беше повторено во понеделникот во двете земји.

Се чини дека во Стокхолм, ирачки бегалец, кој стои зад неколку протести организирани во последните недели, запали копија од Куранот пред шведскиот парламент.

Во Данска антимуслимански демонстранти запалија Куран пред амбасадата на Саудиска Арабија во Копенхаген, а во текот на денот се планирани уште неколку инциденти.

Нордиските земји го осудија палењето на Куранот, но не можат да го спречат поради законите кои ја штитат слободата на говорот.

Но, и двете влади најавија дека ја разгледуваат можноста за усвојување законски измени кои ќе им овозможат на властите да спречат понатамошни палење во одредени ситуации.

Шведската влада овој месец објави дека размислува за слично решение, но десничарските партии во двете земји ги осудија иницијативите, а некои тврдеа дека слободата на говор не треба да биде загрозена.

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром во понеделникот изјави дека испратил писма до сите 57 земји-членки на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) за да го објасни правото на собир што се почитува во Шведска, истовремено осудувајќи ги исламофобните практики.

Министрите за надворешни работи на ОИК во понеделник ќе се состанат на вонредна седница на која ќе разговараат за неодамнешните случувања.