„Кога ќе помислам колку време поминало и дека годините толку брзо летаат, едноставно не можам да поверувам што сè се случило. Еден студент дојде и ми рече дека скоро го гледал ‘Австралија, Австралија’, кој е снимен пред веројатно педесет години. Ме радува што очигледно филмовите што сум ги работел траат – во времето, одолеваат на ефемерноста, којашто во филмската уметност честопати е многу видлива. Меѓутоа, Кинотеката е таа којашто треба да ги сочува. Таа има улога на добра винарница – да ги остави да созреат, а тие самите после го покажуваат своето опстојување во времето“, кажа македонскиот режисер Столе Попов на врачувањето на наградата „Златен објектив“ во Кинотеката на Македонија

„Филмот е уметност на режисерот. Во филмот основен материјал е филмскиот призор како речиси апсолутна или максимална, аудиовизуелна илузија која има свој ритам, темпо и простор. Филмот е единствена уметност која може да манипулира со сите тие својства. Филмот е субјективен. Тој е имагинација на режисерот, која потоа со сите соработници полека се остварува, се реализира“, рече реномираниот македонски режисер Столе Попов, на денешното врачување на наградата „Златен објектив“ во Кинотеката на Македонија.

На свеченоста на која се собраа голем број посетители и негови колеги од филмската фела, плакетата на Столе Попов му ја врачи директорот на Кинотеката, Бојан Станишиќ, а разговорот со филмскиот автор го водеше филмската критичарка Илинденка Петрушева. „Да си роден во Македонија и да не ги имаш гледано филмовите на Столе Попов е исто како да си роден во Египет, а да не си ги видел пирамидите“, рече Арсим Лесковица од Кинотеката, во презентацијата на биографијата на режисерот.

Столе Попов (1950, Скопје) има импозантен филмски опус. Со првите документарни филмови како филмски професионалец – „Оган“ (1974) и „Австралија, Австралија“ (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец. Во 1979 година, со „Дае“, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор, кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“. Првиот негов игран филм е „Црвениот коњ“ (1981), а следуваат култните „Среќна Нова ‘49“ (1986) и „Тетовирање“ (1991), како и „Џипси меџик“ (1997) и „До балчак (2014), речиси сите наградувани во државата и светот. Неговиот опус е еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет.

„Кога ќе помислам колку време поминало и дека годините толку брзо летаат, едноставно не можам да поверувам дека сето тоа се случило. Еден студент дојде и ми рече дека скоро го гледал ‘Австралија, Австралија’, кој е снимен пред веројатно педесет години. Ме радува што очигледно филмовите што сум ги работел траат – во времето, одолеваат на ефемерноста, којашто во филмската уметност честопати е многу видлива. Меѓутоа, Кинотеката е таа којашто треба да ги сочува. Таа има улога на добра винарница – да ги остави да созреат, а тие самите после го покажуваат своето опстојување во времето“, кажа Попов.

Самиот настан, на воодушевување на присутните во салата, започна со проекција на спотот за песната „Скопје“ на групата „Леб и сол“, режиран од Столе Попов, кој разбуди носталгија кај публиката. Илинденка Петрушева, пак, во својот разговор со режисерот посочи дека ова е најдобриот музички спот направен за Скопје, каде, во манир на Хичкок, во две секунди се појавува и самиот Столе Попов.

Самиот режисер ја кажа и анегдотата поврзана со овој спот, посочувајќи дека иако му било сугерирано од Велибор Џаровски да направи спот и за Горан Бреговиќ и неговата песна „Ајмо у планине“, тој сепак одлучил да направи спот за Скопје. И токму овој спот победи на единствениот тогашен југословенски фестивал за музички видеоспотови, кој се одржал во „Сава центарот“ во Белград, на кој учествувал и Емир Кустурица, како и многу други познати режисери.

Зборувајќи за филмовите, како и настаните што се случувале при премиерите, режисерот Столе Попов посочи дека многу ретки работи се случувале, но не биле забележани ниту на камера, ниту со фотоапарат.

Она што предизвика аплауз кај присутните во салата беше и потсетување на Столе Попов дека со Влатко Стефановски, всушност, имал само една фотографија која ја чува меѓу останатите на терасата во Струга. Самиот Стефановски стана да ја исправи оваа, како што кажа – грешка, и пред присутните во салата направи селфи со Столе Попов и Илинденка Петрушева, додавајќи дека, за жал, во тоа време кога го снимале спотот немало мобилни телефони.

 

Попов сподели анегдота и за Горан Стефановски, за времето кога го работеле на филмот „До балчак“ и дека едвај има фотографија со него, и тоа се случило само затоа што биле заедно да го посетат снимањето на „Викенд на мртовци“ на Коле Ангеловски во Дебар Маало.

Тој се присети за времето кога бил на свеченоста за номинација за Оскар за документарецот „Дае“. „Беше потполно забрането да се внесе фотоапарат во салата. Од самиот настан јас немам ни една фотографија“, рече Попов. Раскажа и дека на свеченоста на доделувањето до него седел американскиот актер Роберт Дивал, за кој сите сметале дека ќе го добие Оскарот за епизодната улога во филмот „Апокалипса сега“. „Чудно, но јас немав чувство дека нешто важно се случува. Го подгледнувам него, тој нервозен, си викам овој сигурно знае дека ќе го добие Оскарот. Мора да знае. Ги отвораат пликоата (за неговата категорија) и наместо неговото читаат друго име. Рипна тој, се налути, ја зеде жената и си отиде. А јас му велам на тој што седеше до мене: Ова и мене истово ме чека. Кога дојде нашата категорија за документарен филм мене, претходно некој ми наговести дека има некој сега како мене, пред пензија, ценет, доајен, Американец кој бил член на Академијата, и да не се изненадам ако Оскарот отиде кај него. И навистина тој Американец го доби Оскарот“, весело раскажа Столе Попов.

Се присети и дека на премиерата на филмот „Австралија, Австралија“ во Њујорк бил присутен и американскиот режисер и продуцент Елија Казан, кој инаку не присуствувал на вакви настани. „Да дојде Елија Казан на премиера! Човек кој ги создаде најголемите холивудски ѕвезди од Марлон Брандо до Џејмс Дин и човек кој мене директно ме инспирираше за филмот да се вика ‘Австралија, Австралија’, по неговиот ‘Америка, Америка’ е неверојатно. Се возбудивме многу, а ние немаме ни камера, ни апарат“, додаде Попов.

Посочи и дека со филмовите „Оган“ и со „Австралија, Австралија“ се позиционирал во југословенската кинематографија. „’Оган’ има таква интересна историја. Тогаш многу луѓе се обидуваа да направат филм на тема која би била една апотеоза на работник, на труд. Имаше купишта такви југословенски филмови. Личните сниматели на Тито ми кажаа дека кога нему му бил прикажан филмот тој имал таква реакција, да рипнал и рекол: ‘Па дали је могуче, после толико година један дечак да направи филм кој сам ја чекао годинама’. Тоа е дел од историја…“

Зборувајќи за филмот како уметност, пак, Попов рече дека во последно време европскиот филм почнал да го гледа, како што самиот рече „да го чувствува со една голема резерва“. „Станав член на Европската (филмска) академија меѓу првите режисери од Балканот, но како што одминуваа годините и како се трупаа филмовите кои ги добивав, сè повеќе кај мене се гаснеше интересот за европскиот филм. Во филмовите сè повеќе беше присутна политиката, а уметноста сè повеќе и повеќе се губеше. Иако тие инсистираа, мислеа дека ја зајакнуваат уметноста. Тоа е целата заблуда. Јас имам чувство, можеби грешам, но сè уште никој во Македонија не ја сфати вистинската суштина на филмот како медиум. И тоа додека не се сфати во Македонија нема да има напред. Во истата заблуда влезе и Европа, но од други причини, кои можат да се анализираат“, додаде Попов.

Во однос на феноменот на филмот како уметност, тој посочи дека живееме во навистина радикално ново време. „Ова се рапидни скокови и на научно-технолошки план, меѓутоа и големи историски тектонски поместувања затоа што не сме можеле ниту да претпоставиме дека ова дигиталното време, време на интернет и вештачка интелигенција до тој степен го менуваат светот, така што не можеме да ги претпоставиме сите можни аспекти каде тие ќе имаат влијание. Ќе видиме и дали тој еден хуманистички аспект на целото наше постоење ќе може да биде одржан на едно ниво кое што навистина доликува на човекот“, кажа меѓу другото нашиот режисер.

Оваа година Кинотеката воведе уште едно признание, т.н. специјален „Златен објектив“ наменет за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист.

(Д.Т.-Н.И.Т.) Фото: Ѕ Плавевски