Стано: Со заканите со нуклеарно оружје Путин се обидува да ја префрли одговорноста за војната

23

Заканите за употреба на нуклеарно оружје упатени од страна на рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето до јавноста се апсолутно неприфатливи и несоодветни, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Тоа е уште еден од многуте пример како Путин се обидува да ја префрли одговорноста за војната што ја почна во Украина и за нестабилноста што ја предизвика во Украина и во регионот.

Тоа е уште една можност за него да ги шири добро познатите лаги и измами, истакна Стано во коментар на ставот на Путин искажан во денешното обраќање до руската јавност дека поддршката на ЕУ за Украина може „да доведе до ризик од употреба на нуклеарно оружје“.

Стано нагласи дека Путин ја започна војната во Украина и затоа тој е одговорен за сите последици од неа и на внатрешен план во Русија, но и во Украина и на глобално ниво.

Според Стано, на денешното обраќање на Путин треба да се гледа во контекст на претстојните претседателски избори во Русија и неговите напори да биде реизбран на функцијата.

– Обраќањето накусо може да се сумира на тоа дека тој го залажува народот, кој живее под железна тупаница како во времето на сталинизмот.

Армијата е во катастрофална состојба, економијата е блокирана, кредибилитетот на земјата е целосно уништен и неговите досегашни напори за уништување на Украина се неуспешни, заклучи Стано.