Срцевите болести и дијабетот фатални за болните од корона

371

Срцевите болести се најчест коморбидитет кај лицата кои починале од ковид. Последната статистика на Институтот за јавно здравје заклучно со 29 ноември покажуваат дека 69,5% од починатите од ковид-19 во Македонија биле со претходни заболувања.

“Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=1.345) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 350,9/100.000 жители.

До истиот период, регистрирани се 1.131 смртни случаи кај лица од машки и 632 кај лица од женски пол.
Од починатите, кај 1.226 (69,5%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=937), дијабет (n=437) и белодробна болест (n=196).

Според истата статистика, до крајот на ноември 104 лица починале од ковид-19 надвор од болница.

Во ковид-центрите во Скопје до петокот беа хоспитализирани 443 пациенти. Во петокот хоспитализирани беа 43 нови пациенти, а отпуштени се 39 оздравени, информираат Министерството за здравство.

Најмногу пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника – 151 и во Градската општа болница „8 Септември“ – 104.

Во Детската болница во Козле има 34 пациенти, од кои 4 деца и 30 возрасни.

На интерните клиники, пак, заклучно со петок, состојбата е следна: на Институтот за ТБЦ има 43 пациенти, на Клиниката за неврологија 30, на Нефрологија 25, на ОРЛ 22, на Кожната клиника 21, а на Клиниката за очни болести 13 пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче неодамна рече дека вакцините во Македонија се очекуваат во март и дека веќе се работи на групите на граѓани за кои ќе има препорака да ја примат оваа вакцина.

Од сојузот на здруженија на пензионери апелираа приоритет при вакцинирањето против ковид-19 да имаат пензионерите, како најранлива категорија лица со хронични болести и намален имунитет.

-Во име на над 300.000 возрасни луѓе во нашата земја апелираме пензионерите да имаат приоритет за вакцина против ковид-19, како што е во сите земји во опкружувањето и пошироко во целиот свет, се вели во денешното соопштение од Сојузот.

Пензионерите, потенцираат од Сојузот, се најранлива категорија бидејќи голем број од нив се со хронични болести и намален имунитет.

Македонија со 887 смртни случаи на еден милион жители се искачи на 7-мото место по смртност од коронавирус во светот.

После Македонија, од регионот на 10 место се наоѓа и Босна и Херцеговина со 859 починати, додека пак Црна Гора е на 14-то место со 822.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата, а заклучно со четвртокот изнесува 65.231, бројката на оздравени пациенти е 41.656, на починати е 1.847, а бројот на активни случаи изнесува 21.728.