Со 7,5 милиони евра од Буџетот ќе се полнат партиските каси

Додека сиромаштијата галопира, а во државава нема кој не протестира, пари за политичките партии мора да има. Од мега државниот буџетот за наредната година, кој тежи рекордни 5,5 милијарди евра, на политичките партии, според математиките, ќе им се доделат дури над седум и пол милиони евра за финансирање на политичките активности и за редовна работа. Според Законот за финансирање на партиите, тие за нивните активности и работа секоја година добиваат 0,15 % од буџетот, а оваа сума потоа се распределува кај партиите според бројот на освоени гласови на последните избори

73

Додека сиромаштијата галопира, а во државава нема кој не протестира, пари за политичките партии мора да има.

Од мега државниот буџетот за наредната година, кој тежи рекордни 5,5 милијарди евра, на политичките партии, според математиките, ќе им се доделат дури над седум и пол милиони евра за финансирање на политичките активности и за редовна работа. Според Законот за финансирање на партиите, тие за нивните активности и работа секоја година добиваат 0,15% од буџетот, а оваа сума потоа се распределува кај партиите според бројот на освоени гласови на последните избори. Лани најмногу пари добила ВМРО-ДПМНЕ околу 1.490.000 евра, потоа СДСМ околу милион и триста дваесет илјади евра, а ДУИ околу 680 илјади евра. Пари добиваат и помали партии од коалициите – па така на Демократската партија на Турците ѝ се исплатени 134 илјади евра, на Демократскиот сојуз над 40 илјади евра, а на ГРОМ над 130 илјади евра.

Јавноста не може да знае точно со колку пари располага секоја од партиите и како ги стекнале, но во секој случај прегледот на буџетските издвојувања покажува дека од година во година партиите добиваат сè повеќе пари од државната каса. Само минатата година, партиите добиле околу 6,9 милиони евра од буџетот, а оваа година парите што ќе завршат во партиските каси сè уште повисоки, како и буџетот за 2024, кој ќе биде поголем за 10 отсто од лани.

А освен од приходи од Буџетот на државата, партиите имаат и дополнителни финансирања од донации од поединци или фирми.

Идната година во Македонија ќе се одржат избори – претседателски и парламентарни, што ќе биде дополнителен трошок за државата. Сепак, во овој момент, неизвесно е дали со пари на граѓаните ќе се наплатат и рекламите за партиите, за што одлука ќе треба да донесе Владата, односно Собранието откако при носењето на измените на Изборниот законик, кои се дел од подготовките за изборниот процес, членовите на работната група, не се усогласија околу финансирањето на политичкото рекламирање. Агенцијата за медиуми предложи да нема политичко рекламирање за разлика од Државниот завод за ревизија од каде што сметаат дека рекламирањето треба да се финансира со народни пари од буџетот, а претседателот на работната група за реформи во изборното законодавство Александар Новаковски информираше дека за политичкото рекламирање одлука ќе треба да донесе Владата, а потоа Собранието.

Како и да е прашањето околу финансирање на рекламите на партиите се актуализираше и по последните парламентарни избори во 2020. Обвинителството тогаш истражуваше дали се злоупотребени парите на граѓаните кои ги добиваат партиите од буџетот за финансирање на кампањата, а сомнежот на обвинителството се отвори зошто партиите трошеле пари за претставување на интернет портали кои се слабо посетени без импресум, без адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање. Тоа значи во пракса дека партии отвораат портали пред избори, кои постојат една година и потоа згаснуваат и на тој начин добиваат пари за рекламирање на нивни активности. За финансирањето на партиите, Македонија во континуитет, со години наназад, добива забелешки и во европските извештаи, каде што се бара да има поголема транспарентност за ова прашање.

Инаку, во меѓувреме и пратениците кои ги делегираат партиите во Парламентот веќе си ги зголемија платите заедно со платите на државните функционери. Но, вицепремиерот Фатмир Битиќи уверува дека за нив нема да има ново зголемување со буџетот за 2024.

(М.С.)