Со „Распеано симитче” заокружена програмата на новогодишниот базар во Крива Паланка

50

Со денешната пладневна програма за најмладите жители на општината, настапите на ѕвездичките од детскиот музички фестивал „Распеано симитче” и Пајак, беше затворена културно забавната програма на „Кривопаланечки новогодишен базар 2022″. И овојпат плоштадот беше преполн публика и туристи, како и бројни нашинци кои за празниците се вратија од странство и имаа можност да уживаат во програмата што понуди музика и забава за сите генерации.

Синоќа на централниот градски плоштад имаше неколку илјади луѓе што уживаа во настапите на “Брас брадрс” и “Некст тајм”, кои пак, направија прекрасна забава.

-Паланчани празнуваат и се забавуваат во ритамот на музиката, како и  во прекрасната бајковита приказна во центарот на градот, исполнета со: музика и насмевки, забава и срдечни домаќини од куќарките со разновидна понуда, гостопримливи угостители и задоволни граѓани. За мојата Крива Паланка од срце работам, а „Новогодишниот базар” е само еден сегмент од работењето во служба на граѓаните. Нека ваквата раскошна среќа еуфорично трае, со песна и насмевки и во 2023 година, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Куќарките, забавата со маскоти од омилените цртани серии на дечињата, несекојдневна можност за посетителите да искусат јавање коњ или магаре и останатите содржини во центарот на градот се дел од целокупната програма на Општина Крива Паланка во екот на новогодишните, Божиќни и Богојавленски празнувања, сѐ до 21 јануари.