Со забава и официјално се отвора новата зграда на Општина Ѓорче Петров

1055

На концертот ќе настапат познати музички имиња меѓу кои: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Андријана Јаневска, Огнен Здравковски и Александар Тарабунов. – Со овој концерт ќе одбележиме уште еден нов почеток за Општина Ѓорче Петров. Да го одбележиме овој убав ден и да уживаме во звуците на најубавата македонска песна, официјално најавија од Општина Ѓорче Петров

 

Со голем концерт кој ќе се одржи в среда, во реонскиот парк, со почеток во 20 часот, Општина Ѓорче Петров свечено ќе ја пушти во употреба новата општинска зграда. Со овој настан воедно ќе се одбележи и 20 Септември – Денот на Општина Ѓорче Петров.

– Со овој концерт ќе одбележиме уште еден нов почеток за Општина Ѓорче Петров. Да го одбележиме овој убав ден и да уживаме во звуците на најубавата македонска песна –  официјално најавија од Општина Ѓорче Петров.

На концертот ќе настапат познати музички имиња меѓу кои: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Андријана Јаневска, Огнен Здравковски и Александар Тарабунов.

Администрацијата на Општина Ѓорче Петров почна да се сели во новата општинската зграда на крајот од мај годинава и симболично го означи тоа со садење дрвца во дворот. Новата општинска зграда има четири ката, а на секој кат има по 15 канцеларии. Меѓу нив има и конференциски сали. Таа е изградена преку јавно-приватно партнерство со фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеат Кочан, уште во времето кога беше градоначалник Сокол Митровски од ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот за изградба на трговскиот центар „Емпорио“, во кој дел ќе биде наменет за општинската зграда на Ѓорче Петров, беше склучен во јуни 2013 година, по спроведена постапка со јавен оглас. Се предвидуваше приватниот партнер, компанијата „Трансмет“, да изгради административна деловна зграда со бруто-површина од 15.000 квадратни метри и со подземен паркинг-простор. Од вкупната површина, 24 отсто, односно 3.600 квадратни метри и 40 паркинг-места под објектот ѝ припаѓаат на Општината, а 76, односно 11.400 квадрати, на приватниот партнер.

Инаку,  почнувајќи од денеска, па се до сабота во реонскиот парк во Ѓорче Петров ќе има повеќе настани so кои ќе се одбележат деновите  на Општина Ѓорче Петров. Nастаните започнуваат од 18 часот, а предвидени се настап на културно-уметничкото друштво „Глигор Прличев“ детска програма, изложба на органска храна, театарска претстава, филмска проекција и диџеј.

(А.П.)