Сообраќајка меѓу автобус на ЈСП и возило на булевар АСНОМ: Тројца повредени, од кои еден потешко

200
SONY DSC

Ноќеска пред полноќ на булеварот АСНОМ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу автобус на ЈСП Скопје и патнички автомобил.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило С.М. (33) од Кочани, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, велат од СВР Скопје за МИА.

Од полицијата велат дека на местото на несреќата бил извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Од ЈСП Скопје информираа дека во автобусот „Јутонг“ кој сообраќал на линијата 3 немало патници, завршил со смена и се повлекувал во гаражата во Автокоманда.

„Полесно повреден бил возачот на автобусот, а потешко повредени биле возачот и совозачот од патничкото моторно возило. Причинета е материјална штета на двете возила. Според увидот и записникот на внатрешната контрола на ЈСП, патничкото моторно возило удрило во автобусот со неприлагодена брзина“, велат од ЈСП „Скопје“.

Според полицијата, несреќата се случила ноќеска, 10-ина минути пред полноќ на крстосница од булевар АСНОМ со сервисна улица помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 29-годишниот скопјанец С.Ј. и автобус на ЈСП, управуван од 33-годишниот С.Б. од Скопје.

На крстосницата утринава имаше остатоци од оштетените возила, а сообраќајот се одвиваше по една лента и беше регулиран од сообраќајната полиција.