Сиљановска Давкова во Берлин со Шолц, Фон дер Лајен и Зеленски  

156

По Втората светска војна, Маршаловиот план беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина, порача македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин. Според претседателката, која говореше на главниот панел, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура.

На овој панел свои обраќања имаа и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а говореше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен. На главниот панел присуствуваа и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија.

Од Кабинетот на Сиљановска Давкова соопштија дека на сесијата позитивно била оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.

 -Претходно, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на отворањето на конференцијата, на кое свои обраќања имаа германскиот канцелар Олаф Шолц, украинскиот претседател Володимир Зеленски, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, стои во соопштението.

Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија. Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина.