ССМ поднесе тужба против Владата за дискриминација и неусогласување на платите во јавниот сектор согласно со закон. Оваа тужба уследи по бришење на одредбата за покачување на платите во Министерството за финансии од страна на министерот Фатмир Бесими. Од Синдикатот сметаат дека министерот свесно прави кривично дело по член 166 од Кривичниот законик. Од Синдикатот укажуваат дека одредбата за зголемување на платите Бесими сам ја донел, ја бранел и е должен да ја спроведе. Првото рочиште пред Основниот граѓански суд – Скопје е закажано за денес во 10 часот, а од ССМ се надеваат дека „Судот може да му стави крај на самоволието на министерот“.
Од Синдикатот на УПОЗ, исто така, сметаат дека министерот направил кривично дело со прекршување на законот, бидејќи ги повлекол решенијата за повисоки плати, кои работниците веќе ги добиле.
– Спротивно на сите правни норми, министерот одеднаш решава да го повлече решението, кое е влезено во законот. Поради овој чекор на повлекување на решението од страна на министерот, сега треба да се направи промена во системот на плати, а за тоа треба време. Тоа може да предизвика доцнење на платите и во другите институции од јавниот сектор – изјави за ВЕЧЕР Трпе Деаноски, претседателот на УПОЗ.
Деаноски вели дека не знае како го направил министерот тоа, кога во законот стои дека нема предлог-закон за изменување закон за буџети каде што е предвидено зголемување на платите.
Од Синдикатот на УПОЗ велат дека незадоволство од состојбата со платите постои и во Бирото за јавни набавки, кое е орган во состав на Министерството за финансии.
– Платите на вработените во Бирото воопшто не се зголемени со години, ниту, пак, се овозможи исплата на додатоци на плата, како што беше предвидено за министерствата минатата година, иако Владата постојано зборува дека борбата против корупцијата ѝ е главен приоритет, при што јавните набавки имаат централно место во оваа заложба. Зошто се дозволува слабеење на оваа важна институција кога знаеме дека низ системот на јавни набавки се трошат преку една милијарда евра јавни пари годишно? – прашуваат од Синдикатот на УПОЗ.
Министерот Бесими се пишмани и реши да го поништи решението за зголемување на јануарските плати откако тоа предизвика револт во останатите државни институции. Само пред една недела, тој тврдеше дека вработените во Министерството за финансии земаат најниски плати и токму поради тоа, голем број си давале откази, а тој стравувал дека институцијата ќе остане без вработени откако 40-мина вработени веќе ја напуштиле. Вработените пред два дена излегоа на предупредувачки штрајк пред зградата на Министерството и ги искажаа своите револт и незадоволство поради неисполнетото ветување.
Од Министерството за финансии прецизираа дека, сепак, ќе има зголемување на платите за „стручните и професионални кадри да останат во институцијата и да се спречи одливот на кадар, кој се случува изминатите години“.
– Примената ќе ја регулираме со допрецизирање на одредбата од Законот за буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот секторот, кој е во завршна фаза на подготовка како системско решение во рамки на јавниот сектор – соопшти Министерството.
Во контекст на ова, Владата на последната седница го утврди текстот на предлог-законот за изменување на Законот за буџети.
– Предложените законски измени се во насока на бришење на одредбата за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30 проценти поради, како што е објаснето од страна на Министерството за финансии, неколку причини. Тоа се: неможност од утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност што произлегува од работното место, со цел допрецизирање на Законот за буџети и имајќи предвид дека Законот за системот на плати во јавниот сектор е во постапка на донесување – информираа од Владата.
(А.С.)