EPA-EFE/LARRY W. SMITH

Еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња, Дирк Новицки, во поткастот „Showtime‘s All the Smoke“ зборуваше за Лука Дончиќ (24), кого многумина го споменуваат како негов наследник во тимот на Далас маверикс. Легендарниот Германец, кој ја помина целата своја кариера во овој клуб, изјави дека првично се сомневал во квалитетите на Словенецот, но дека многу брзо се премислил.

Новицки пристигна во Далас од родниот Вирцбург, во 1998 година и остана таму 21 година, а во 2011 година го предводеше до историската титула. Една година пред да се пензионира, Дончиќ пристигна во Далас, па тој и Германецот поминаа една сезона заедно. Големиот Дирк потоа му беше ментор на младиот Лука.

  • Крајот на мојата кариера не беше најдобар. Не игравме најдобро. Ни требаше искра за да ги промениме работите. Не мислев дека тоа дете ќе промени многу нешта. Кога дојде, Дончиќ изгледаше како големо момче и навистина не верував дека ќе успее. Дали е доволно брз? Дали е доволно физички силен? Дали може да се справи со НБА-играчи како оние во Европа? Имаше многу сомнежи кај сите во тимот. Еден месец пред почетокот на сезоната, момците од тимот го тестираа. Го фаулираа, го блокираа, а потоа сфативме дека има нешто особено во себе, знаеше да се движи, знаеше да игра, можеше да додава за да блеснат сите играчи на теренот. Тогаш почнавме да сфаќаме дека ќе биде многу добар, но не можев ни да замислам дека ќе биде на нивото на кое е сега – изјави Дирк.

Далас го избра Дончиќ како трет пик на драфтот во 2018 година, во размената со Атланта хокс за Тре Јанг. Тој дојде откако беше МВП на Евролигата и ја освои двојната круна со Реал Мадрид. Една година претходно, заедно со Горан Драгиќ, ја предводеше Словенија до европското злато.