Се полнат амбулантите и болниците-новогодишните и божикните средби го раширија грипот, две лица починаа

1674

 

Поднаслов На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, во текот на 24 часа се прегледуваат околу стотина пациенти, а најголем дел од нив се инфицирани со вирусот на сезонски грип. Директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ, за весникот ВЕЧЕР вели дека засега состојбата не е алармантна, иако има раст на заразените од грип и од ковид. Зголемени се и прегледите во Детската клиника „Козле“, каде што дневно има и по 200 деца во амбулантско-поликлиничкиот дел. Според  д-р Мирјана Поповска, специјалист педијатар во оваа болница, во моментов има педесетина дечиња што се хоспитализирани кај нив. Поповска посочи дека малите пациенти најчесто имаат проблеми со инфекции на долните дишни патишта. Пред празницитем две повозрасни лица ја загубија битката со сезонскиот грип

 

Се полнат амбулантите со грипозни пациенти, а расте и бројот на лица што се заразуваат со ковид. Новогодишните и божикните средби го зголемија број на контакти меѓу граѓаните, а со тоа се активираа и вирусните инфекции во земјава, речиси на секоја возраст. Во најголем дел, се работи за респираторни инфекции од типот на сезонски грип, ковид-19, а кај најмладите е присутен респираторен синцицијален вирус. Лекарите велат дека во моментов предност е што училишните деца се на распуст, па ударот од вирусни инфекции засега е амортизиран. Пред празниците, две лица ја забија битката со сезонскиот грип.

Расте бројот на пациенти што одат на преглед на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Како што информираат од Инфективна, во текот на 24 часа се прегледуваат околу стотина пациенти, а најголем дел од нив се инфицирани со вирусот на сезонски грип. Директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ, за весникот ВЕЧЕР вели дека засега состојбата не е алармантна, иако има раст на заразените од грип и од ковид. Таа очекува кулминацијата за сезонскиот грип да се случи на крајот од јануари и почетокот на февруари, кога ќе заврши распустот.

Како што информираше директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, до Нова година, односно последната недела од декември, регистрирани се 72 случаи на ковид-19, а најмногу од нив – 39 се пациенти од Скопје, 12 од Прилеп, а 10 од Охрид.

На почетокот од јануари, зголемени се и прегледите во Детската клиника „Козле“, каде што дневно има и по 200 деца во амбулантско-поликлиничкиот дел. Како што информира д-р Мирјана Поповска, специјалист педијатар во оваа болница, во моментов има педесетина дечиња што се хоспитализирани кај нив. Поповска посочи дека малите пациенти најчесто имаат проблеми со инфекции на долните дишни патишта.

– Во амбулантите доминираат деца од претшколска возраст, до пет години, но има и школски деца. Вирусот кај нив лесно се пренесува, затоа и бројките секојдневно растат – информира за весникот ВЕЧЕР д-р Поповска и дополнува дека вирусите се шират по капков пат и може долго да останат во воздухот и на предметите.

Таа ги советува родителите да знаат дека вирусните инфекции треба да се лекуваат само симптоматски, а не да се даваат антибиотици, оти јасно е дека тие не лекуваат вирусни инфекции. Анализите на Институтот за јавно здравје, пак, велат дека во текот на 51. недела од 2023 година, во Македонија се пријавени 205 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е раст од 53 проценти во споредба со претходната недела и раст од речиси 16 проценти во однос на истиот период лани. Во текот на оваа недела, регистриран е и еден смртен случај со грип.

– Се работи за лице на возраст од 71 години, од Штип, кое било хоспитализирано во КБ Штип. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни и бубрежни) и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврден  грип  од типот  А(H1) – велат од Институтот.

Непосредно пред Нова година, регистриран е уште еден смртен случај со грип, лице на возраст од 67 години, од Скопје, кое било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети како кардиоваскуларни, обезитас и малигно заболување) и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена инфлуенца А(Х1)пдм09.

Во последната недела од декември, пријавени  се 403 случаи на заболени од грип што, во споредба со претходната, е раст за речиси сто отсто или конкретно 96,6% повеќе.

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, во последната недела од 2023 година се анализирани 38 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и за ковид-19. Притоа, детектирани се 8 позитивни случаи на инфлуенца, седум инфлуенца од типот А(Х1) и еден со грип од типот А(Х3). Регистрирани се и двајца пациенти со респираторен синцицијален вирус (РСВ). За споредба, во седмицата до 25 декември, анализирани се 34 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и за ковид-19 (SARS-CoV-2). Притоа, детектирани се 4 позитивни случаи на грип, и тоа по два случаи на инфлуенца од типот А(H1)pdm09 и инфлуенца А(H3). Регистрирани се и петмина пациенти со респираторен синцицијален вирус (RSV).

Според анализите на лекарите од ИЈЗ, овие бројки на заразени од грип се под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, а тоа значи дека сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

– Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип и заболувањата слични на грип според очекуваната епидемиска крива 2010-2023, сезона 2022-2023 и сезона 2023-2024, се приближно со слични бројки. Во однос на возрасната дистрибуција, најголемиот дел од болните се на возраст од 15 до 64 години, а најмалку се деца на возраст до четири години –информираат од ИЈЗ и дополнуваат дека поотпорни на вирусот се децата до 14-годишна возраст.

Дебар и Гостивар се градовите каде што вирусот на сезонски грип во моментов најмногу е раздвижен, а по нив следуваат Тетово, Куманово и Скопје.

(В.Ма.)