СЕ ОГЛАСИ БИЛ ГЕЈТС: Војната во Украина го запре развојот на човештвото

201

Војната во Украина го запре развојот на човештвото и ги намали шансите за постигнување на целите на Обединетите нации за одржлив развој, изјави милијардерот и основач на компанијата Мајкрософт Бил Гејтс.

Во говорот во Институтот Лови, Гејтс рече дека украинската војна го оддалечи светот од постигнување на 17-те цели за одржлив развој, како што се намалување на сиромаштијата и гладот, како и обезбедување пристап до чиста енергија до 2030 година.

„Војната во Украина ќе заврши. Секако ги разбирам ресурсите кои таму се трошат, тоа е ужасна трагедија. Таа трагедија има огромно влијание врз земјите во развој, цените на храната, ѓубривата, знаете дека тие нешта ќе убијат многу луѓе надвор од Украина, исто како во Украина“, кажа Гејтс.

„Значи, војната, во смисла на трошењето ресурси за да се вратиме назад, војната е на врвот на листата интереси и колку побрзо заврши, подобро. Развојните цели кои ОН ги поставија за 2030, таканаречениот одржлив развој, тие цели нема да ги оствариме“, додаде милијардерот.

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс беше вклучена во поставувањето на некои од целите на одржливиот развој, особено во областа на здравството.

„Некогаш 10 отсто од сите деца умираа пред 5 години. Тоа беше 10 милиони на преминот на векот, а сега тоа е намалено на 5 отсто од децата, помалку од 5 милиони годишно. Целта која ја имавме беше таа бројка до 2030 повторно двојно да ја намалиме, а сега за тоа веројатно ќе ни требаат осум години, а тоа е поради војната“, кажа Гејтс наведувајќи конкретен пример на целите кои ќе бидат одложени поради војната.

Што се однесува до климата, во некои земји напредокот почнал да стагнира. Особено европските земји кои се зависни од руските фосилни горива, но поради западните санкции повеќе не ги добиваат од Москва. Во обид да станат енергетски независни од Русија, некои земји ги рестартираа исклучените централи на јаглен.

Во меѓувреме, се чини дека војната во Украина нема наскоро да заврши. Русија наводно се спрема да почне нова офанзива во Украина на пролет или на почетокот на летото, според една од водечките аналитички агенции.