Се огласи „Анонимус“: Тврди дека ги хакирала компјутерите на израелската војска, најави објавување на воени документи

110

Хакерската група „Анонимус“ денеска објави дека ја хакирала базата на податоци на израелските одбранбени сили (ИДФ) и додаде дека ќе објави воени документи.

Според „Анонимус“, групата моментално поседува повеќе од 20 гигабајти податоци, вклучувајќи повеќе од 233 илјади документи.

Изјавата на хакерската организација вклучуваше видео со делови од PowerPoint презентација на која се прикажани членови на ИДФ, како и логото на Генералштабот, но автентичноста на документите од видеото не е потврдена.

Според безбедносните проценки на ИДФ, веројатноста за вистинско пробивање на базата на податоци е минимална, што укажува на можна тактика на „психолошка војна“ од страна на хакерите.

Компјутерскиот систем на ИДФ е цврсто обезбеден и класифициран на различни нивоа, пишува „Џерусалим пост“, пренесува Танјуг.

Доколку навистина се случи хакирање, израелската војска вели дека е малку веројатно пристапот да се прошири директно на компјутерите на ИДФ, но дека датотеките биле потенцијално преземени од цивилни компјутери, што би значело дека поединечни членови на војската ги прекршуваат прописите.