СДСМ го одложи „камбекот“ на неопределено

Анализите во Социјалдемократскиот сојуз за причините за тешкиот изборен пораз ќе почекаат. Иако од моментот кога веќе резултатите од последните парламентарни и претседателски избори беа јасни, од СДСМ најавија темелна внатрешна обнова, денешниот Конгрес на СДСМ се прекина и одложи на неопределено време, откако раководствата на општинските организации побараа дополнително време за подготовка на извештаите за парламентарните и претседателските избори. Ова барање на општинските организации било прифатено од мнозинството присутни делегати и Конгресот прекина со работа. Телата и органите на партијата ќе информираат за датумот за негово продолжување. Пред започнувањето на Конгресот, претседателот во заминување Димитар Ковачевски рече дека на овој Конгрес на маса ќе се најдат сите прашања поврзани со изборите и за поразот, како и за работењето и функционирањето на партијата во изминатите четири години, а СДСМ ќе излезе посилен и обединет во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и на новото раководство.

115

Анализите во Социјалдемократскиот сојуз за причините за тешкиот изборен пораз ќе почекаат. Иако од моментот кога веќе резултатите од последните парламентарни и претседателски избори беа јасни, од СДСМ најавија темелна внатрешна обнова, денешниот Конгрес на СДСМ се прекина и одложи на неопределено време. Генералниот секретар на СДСМ и шеф на изборниот штаб, Миле Зечевиќ, го презентираше деталниот Извештај за парламентарните и претседателските избори 2024 година, по што општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат на ниво на општински изборни штабови и општински организации. Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати и Конгресот прекина со работа. По одложувањето на Конгресот, телата и органите на партијата ќе информираат за датумот за негово продолжување.

Претходно, претседателот на СДСМ во оставка Димитар Ковачевски ја образложи неговата одлука за повлекување од функцијата. Според најавите, на 29. конгрес, челниците на партијата требаше да дадат отчет за изборните резултати. Пред започнувањето на конгресот, Ковачевски рече дека делегатите треба да се изјаснат за доверба во органите на партијата кои се избрани, но и дека на овој конгрес на маса ќе се најдат сите прашања поврзани со изборите и за поразот, како и за работењето и функционирањето на партијата во изминатите четири години. Ковачевски рече дека очекува сè да помине во најдобар ред и СДСМ да излезе посилен и обединет во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и на новото раководство.

-Она што имав да го кажам, го кажав, и на 8 мај и на денот кога официјално се повлеков од функцијата претседател на СДСМ, на 22 мај. Очекувам отворена дебата и да се разговара конструктивно и отворено за сите прашања коишто влијаеја на изборниот резултат на овие избори, но и на изборите во 2021 година, бидејќи тогаш не беше одржан отчетен Конгрес. Делегатите ќе имаат за што да разговараат, членовите на раководството ќе имаат свои одделни експозеа. Мислам дека ќе биде успешен Конгрес од кој СДСМ ќе треба да излезе посилен и пообединет и да влезе во процесот на финализирање на нов претседател и ново раководство, изјави Ковачевски.

По изборниот пораз, Ковачевски на седница на партискиот Извршен одбор, што се одржа на 22 мај официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.

– Ковачевски го потврди повлекувањето на седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ, која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно со Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на партијата, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, информира тогаш СДСМ.

Веднаш откако беше познат исходот од изборите, лидерот на партијата Ковачевски, на прес-конференција рече дека СДСМ и коалицијата ќе бидат одговорна, силна, принципиелна и државничка опозиција и ги најави отчетниот конгрес како и процесот на внатрешна обнова, за кој рече ќе биде на сите нивоа.

– Процесот на обнова мора да е на сите нивоа, затоа повикувам на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво. Почнувајќи од претседателот, раководството, па сè до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата. Тој процес не смее да биде долг, но никако стихиен или пак експресен. Тоа е процес на длабока промена и консолидација, може да го изведат само оние кои се спремни да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата на државата. Оние кои немаат багаж од каков бил вид особено не такви карактеристики, заради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција, рече тогаш Ковачевски.

Рокот за кандидирање за нов претседател на СДСМ заврши на 6 јуни. Кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски. Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 овој месец. Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ, кои активно ќе се регистрираат. Централниот одбор на партијата предложил и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, преку прес-конференција обвини дека „децата” на Заев, како Венко Филипче и Славјанка Петровска, наместо за граѓаните водат сметка за лидерската трка во партијата, откако двајцата членови на партијата преку објави го осудија гласањето за реорганизација на министерствата.

-Кој и да дојде како нов претседател во СДС таа партија ќе тоне, затоа што сите нивни кандидати, вклучувајќи ги Филипче и Петровска, беа една од многуте причини за нивниот пораз, изјави Митева. (В.С.Н.)