Победничката серија на шампионот во Формула 1, Макс Верстапен (конечно) е прекината откако тимот на Ред Бул беше непрепознатлив во текот на целиот викенд во Сингапур, но затоа Ферари се враќа на големата сцена!

Возачот на тимот од Маранело, Карлос Саинц, прво ја освои пол-позицијата, а потоа извозе совршена трка на „Марина Беј“ за голема победа, втора во неговата кариера. За разлика од некои претходни трки, Ферари „не го уништи“ со стратегијата, па на крајот славеа победа во сезоната, со што конечно ја прекинаа серијата на Ред Бул на 15-та трка од оваа календарска година.

  • Чувството е неверојатно, имавме неверојатен викенд. Благодарен сум на сите во Ферари што вложија огромни напори да ја свртиме сезоната по тешкиот почеток. Но, доминиравме во викендот и на трката. Направивме се што требаше да направиме, и тоа на совршен начин и победивме, сигурен сум дека цела Италија и Ферари ќе бидат горди, изјави Саинц по трката.

Втор целта мина младиот Ландо Норис од Мекларен, додека третото место на подиумот го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес. Тоа е благодарение на неговиот тимски колега Џорџ Расел кој беше фантастичен се до последниот круг, кога беше премногу агресивен, изгуби контрола над болидот и удри во заштитната ограда, останувајќи без бодови.

Шарл Леклер беше четврти и на крајот нема да биде особено среќен бидејќи се повеќе се чини дека ја губи позицијата на прв возач во Ферари, а впечаток е дека за него се ќе беше поинаку доколку не наидеше на гужва по првото безбедносно возило, кое беше испратено на патеката поради остатоците што ги остави Логан Сарџент. Тоа безбедносно возило кратко време го користеше Ред Бул, кој имаше лоши стартни позиции (11 и 13 место), но гумите на Верстапен и Перез не можеа долго да го издржат темпото што го наметнаа останатите на нови гуми. На крајот, Верстапен беше петти, а Перез осми.

Во бодовите завршија и шестопласираниот Пјер Гасли (Алпин), седмиот Оскар Пјастри (Мекларен), деветтопласираниот Лиам Лосон (Алфа Таури) и Кевин Магнусен (Хас). Фернандо Алонсо од Астон Мартин имаше кошмарен викенд полн со грешки, додека неговиот колега Ленс Строл не возеше поради повреда во несреќа на квалификациите.

Следната трка е следниот викенд во Јапонија.