САД воведоа санкции за соработниците на Додик, еве кој се е на списокот

105

Во понеделникот, САД воведоа санкции за четворица од најблиските соработници на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, а на тој список се личности на највисоки позиции во Босна и Херцеговина и Република Српска.

Американските санкции, кои значат забрана за патување во таа земја и замрзнување на имотот, се наметнати на членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, премиерот на РС, Радован Вишковиќ, претседателот на ентитетскиот парламент, Ненад Стевандиќ и министерот за правда на РС, Милош Букејловиќ, објавија од Канцеларијата за Контрола на странски средства, која работи под Министерството за финансии на САД.

Додик е под американски санкции од 2017 година, а четворица негови соработници сега се на списокот на санкционирани поради „несомнено спроведување на неговата сецесионистичка политика и загрозување на спроведувањето на Дејтонскиот договор“.

Како што се наведува во соопштението за медиумите на OFAC, четири лица кои од понеделникот се на списокот за санкции, САД ги смета за директно одговорни за поттикнување на усвојување на закон во Народното собрание на Република Српска (НСРС) со кој се забранува имплементација на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина на територијата на РС, со што се попречува и загрозува спроведувањето на Дејтонскиот договор.

Потсекретарот во американското Министерство за финансии, кој е задолжен за тероризмот и финансиските разузнавачки работи, Брајан Нелсон, рече дека Цвијановиќ, Вишковиќ, Стевандиќ и Букејловиќ се закануваат на стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и тешко постигнатиот мир поддржан од Дејтонскиот договор.

„Ваквото однесување претставува дополнителна закана за напредокот на БиХ и нејзината успешна интеграција во евроатлантските институции. Ќе продолжиме да ги поддржуваме граѓаните на Босна и Херцеговина и нивните напори за зачувување на владеењето на правото и одржување на мирот и просперитетот“, рече Нелсон.

Жељка Цвијановиќ заедно со Додик од минатата година е под санкции на Велика Британија, па на двајцата им е забрането да патуваат во таа земја.