Македонскиот ракометен вицешампион Алкалоид, вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во 20.45 часот го игра првиот натпревар во Европската лига, против Војводина.

Тренерот Кирил Лазаров ја подготви екипата за овој меч. Алкалоид игра одлично на домашната сцена и не знае за пораз, но европскиот натпревар ќе биде поинаков. Пред средбата, Лазаров кажа дека посакува голема борба, за да се изненади ривалот кој ја носи благата улога на фаворит.

-Минатата година успеавме да направиме голем успех и да се пласираме втора година од нашето постоење во Европската лига на ЕХФ. Тоа е второ по квалитет натпреварување во Европа по ЛШ и тоа за нас значи многу затоа што лани имавме екипа само со македонски играчи, а оваа година имаме двајца интернационалци да донесат искуство. Ќе се обидеме да бидеме компетитивни во натпреварувањето кое е рамо до рамо со Лигата на шампионите. Првиот ривал ни е Војводина, победник на третото европско натпреварување на ЕХФ. А, за да се победи во било кој европски куп треба да бидете квалитетни. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајт, унгарски интернационалец и репрезентативец и заедно со белорускиот репрезентативец Пуховски, словенецот Оцвирк… тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите. Тука се и дански Силкеборг и Ла Риоха, екипи кои имаат традиција во европските натпреварувања и доаѓаат од земји кои во секој јануари се борат за медали. Очекувам квалитетен меч, се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Максимално ја респектираме Војводина, но ако бидеме на потребното ниво, ќе се отвори можност за изненадување“, изјави Лазаров.