Работодавачите во трка за личен профит ја газат довербата на работниците

Помошта од државата беше наменет за за работниците. Работодавачите штетата можат да ја компензираат на друг начин, а не преку грбот на работниците, вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков

179
Не стивнуваат реакциите на јавноста за газдите кои земале субвенции за исплата на плати на вработените, а парите си ги задржале за себе. Откако Владата реши јавно да ги објави и да ги казни фирмите кои земале пари од државата, а на своите вработени не им ги исплатиле платите дел од работодавачите побрзаа овие два дена да го направат тоа за да не ги враќаат парите и да ги избегнат санкциите.
Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, за весникот ВЕЧЕР вели дека самиот чин е поразителен, а работодавачите на овој начин ја газат довербата на работниците.
-Помошта од државата беше наменет за работниците. Работодавачите штетата можат да ја компензираат на друг начин, а не преку грбот на работниците. Имаме информации дека дел од работодавачите кои имале блиски врски со луѓе кој работеле во УЈП ги злоупотребиле информациите и уште понеетички се однесувале кон вработените. Ја охрабруваме УЈП во намерата да ги објави имињата на фирми и сопственици кој го направиле тоа и да изнајде начин како да ја санкционира оваа измама, вели Бошков.
Според него, тоа што некој од фирмите во овие два дена побрзаа на своите вработени да им исплатат плати можеби ќе успеат да се спасат од казната, но намерата е јасна, а самиот чин е поразителен.
-На овој начин работодавачите ја газат довербата на работниците и ја оправдуваат тенденцијата што голем број од луѓето во државата сакаат работат во државната администрација. Работодавачите на овој начин ја злоупотребуваат својата позиција и својот личен профит го ставаат на прво место пред потребите на работниците, додава Бошков.
Од Сојузот на Синдикати побара овие работодавачи и кривично да одговараат. Оттаму додаваат дека целта на државната финансиска поддршка беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаат дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано.
Од УЈП информираат дека 708 компании кои добиле над 385.000 евра за исплата на 14.500 денари за работниците за април и за мај, наместо да ги префрлат парите на над 1.700 работници си ги задржале за себе. Други, пак, околу 3.750 компании на речиси 53.000 работници им го скратиле и минималецот и исплатиле 1,5 милиони евра помалку.
(А.С.)