Најновата книга, романот „Епитаф за актерот“, на талентираната  белградска писателка и колумнистка Љубица Кубура, чија промоција се одржа во петокот во “Public room“ во Скопје, предизвика голем интерес во јавноста. Авторката која на македонските читатели им е позната по претходната книга, поточно збирка на раскази „Белградски акварели“, која исто така беше промовирана во Скопје, и овој пат ја воодушеви публиката со својот шарм и елоквентност. Претставувањето на нејзиното дело во полната сала на „Паблик рум“, пак, од присутните беше поздравено со аплауз.

„Тоа што го доживеав во Скопје не се опишува со зборови. И да кажам благодарам, изгледа малку! Благодарам на прекрасните луѓе кои седнаа спроти нас, но благодарам е навистина толку мал збор против толку многу љубов“, ги искажа своите импресии од промоцијата самата авторка. Таа се заблагодари, меѓу другото, и на српскиот Културно-информативен центар „Спона“, кој е организатор на настанот.

Промоцијата на романот ја отвори Милутин Станчиќ, првиот човек на СПОНА, кој се фокусираше на големиот писателски талент на Кубура, кој е потврден и со оваа нејзина книга. Ивана Вуковиќ, уредничката на книгата, детално го анализираше романот на Кубура, посочувајќи дека авторката сакајќи да напише роман за таткото, се сеќава на неговото зборување за минатото.

Дали се работи за своевидна биографија на познатиот новинар Ристо Кубура, таткото на Љубица, како што се навестува, останува во имагинацијата на секој читател, бидејќи Љубица на самиот почеток му порачува на читателот да не биде наивен, да не бара автентична приказна во напишаното…

Инаку, романот „Епитаф за актерот“ е приказна за Крсто Кубура, сведоштво за суров талент и непоколеблива решителност да ги оствари своите детски соништа. Зад себе ги остава родителите и браќата, доаѓа во голем град и станува познат актер. Романот  навлегува во нескротливиот дух на човек кој одбива да биде замолчен, заменет и заборавен, дури и кога е соочен со непремостливи пречки. Откако ќе се спушти завесата на животот на актерот, неговата ќерка, која го гледа како модел, почнува да пишува роман за нејзиниот татко, обидувајќи се да го спаси неговото наследство од заборав…

Трогната од многубројната публика, која одвои време да слушне неколку зборови за нејзиното творештво, Љубица Кубура истакна дека секој заклучок за делото го остава на читателот, а таа додава, продолжува да пишува.

Љубица Кубура, која  е родена на 29 јануари 1988 година во Белград, каде што моментално живее и работи, еден период од животот го поминала и во Скопје. Дека многу го сака овој град и оваа земја, нашироко говори и фактот што скопската промоција на книгата „Епитаф за актерот“ се одржа пред белградската.  (Д.Т.)