На 5 декември (вторник), во 19 часот, во кино „Фросина“, при МКЦ ќе се одржи промоција на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, во издание на Институтот за македонска литература (2023).

Промотор ќе биде проф. Илина Јакимовска, а свој музички настап ќе имаат Васил Хаџиманов, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски.

-За нас оваа книга претставува еден вид постмемориска и трансгенерациска трансмисија на траумата. Таа не само што ни овозможи да го елаборираме документарно-тестимонијалното паметење на непосредните учесници на еден од клучните трауматски настани од историјата на градот и земјата, туку и да го реактуелизираме скопскиот земјотрес и во наредните генерации коишто, како и ние, не се директни сведоци на траумата, но живеат со фрагменти од туѓите репрезентации на земјотресот во колективната меморија и уште повеќе, со посредувана достапност за трауматичното минато, велат авторите на Монографијата, која е објавена во спомен на Васил Хаџиманов и во спомен на жртвите на скопскиот земјотрес.