На 6 декември во 12 часот, во Кинотеката ќе бидат промовирани книгата „Документарниот филм и идентитетот“ и блурејот „Пет македонски етнолошки филма“.
Промотори на изданието „Документарниот филм и идентитетот“ на м-р Сунчица Симоновска- Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката, ќе бидат проф. д-р Драгица Поповска од Институтот за национална историја и вон. проф. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката.
Рецензенти на ова печатено издание се проф. д-р Антоанела Петковска и проф. д-р Тодор Чепреганов, кој за значењето на филмската документаристика ќе напише: „Снимањето документарни филмови, кои најчесто се насочени кон обработка на историски факти од минатото, потврдени со актуелните научни истражувања, директно влијаат врз колективната меморија, како клучен фактор во обликувањето на националните белези на македонскиот народ. Филмот воопшто, а особено документарниот филм, има моќ постојано да нè враќа во минатото, поради што се наметнува потребата за зачувување на сите елементи што заземаат значајно место во идентитетот на еден народ – каде што филмот се појавува во улога на еден од чуварите и паметниците на идентитетот на тој народ“.
И за второто кинотечно издание, кое ќе биде промовирано на 6 декември, блуреј изданието под наслов „Пет македонски ентолошки филма“ може да се каже дека е подеднакво значајно за идентитетот како дел од нашата колективна меморија, но, пред сѐ, како наше аудиовизуелно културно наследство. Станува збор, како што посочува насловот, за пет документарни филма со етнолошка тематика, снимени во 1950-тите и 1960-тите години на минатиот век, во продукција на Етнолошкиот музеј – Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“. Документарните филови поместени на овој блуреј – „Велигденски обичаи“ (1954, р. Ацо Петровски), „Галичка свадба“ (1955, р. Ацо Петровски), „Дервиши“ (1955, р. Ацо Петровски), „Мариовска свадба“ (1966, р. Вера Кличкова) и „Русалиски обичаи во Гевгелиско“ (1957, р. Благоја Дрнков) минатата година беа дигитално реставрирани од проф. Владимир Павловски. Промотор на блуреј изданието ќе биде етнологот м-р Елизабета Конеска, виш кустос во Музејот на Македонија.