Проблемите никако да се решат, се води војна со инфлацијата, ниските плати, слаби инвестиции…

113

Македонија годинава ќе забележи раст на Бруто-домашниот производ (БДП) од 2 отсто, а во 2024 од 3 отсто, прогнозира Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во најновиот извештај за состојбата на економиите во регионот што го покрива. Бизнисот алармира дека економските проблеми треба да се решаваат експресно, а не да се оставаат настрана и приоритет да се дава само на политиката во земјава. Стопанството е во неколкумесечна стагнација, а потврда за тоа е и остварениот економски раст кој е на ниво од само 1,1 отсто.

-Растот на БДП веројатно ќе остане скромен во 2023 година од околу 2 отсто, пред да се зголеми на 3 отсто во 2024 година, поради очекуваното глобално економско закрепнување. И покрај натамошното зголемување на минималните плати од април 2023 година, зголемувањето на пензиите и ограничувањата на цените на некои основни производи, побарувачката на домаќинствата ќе остане придушена во 2023 година, бидејќи високите нивоа на инфлација ги намалуваат реалните приходи. Економското забавување на главните трговски партнери ќе се одрази на извозот, додека зголемената неизвесност и заострените услови за финансирање може да влијаат на довербата на инвеститорите, се наведува во извештајот на ЕБОР за земјава.

Бизнисот алармира дека економските проблеми треба да се решаваат експресно, а не да се оставаат настрана и приоритет да се дава само на политиката во земјава. Стопанството е во неколку месечна стагнација, а потврда за тоа е и остварениот економски раст кој е на ниво од само 1,1 отсто.

-Актуелните случувања во економијата во земјава ја зголемува неизвесноста во реалниот сектор. Остануваат на истата патека која треба да води кон подобрување на условите за водење бизнис, остварување на поголем профит, реализација на нови инвестиции и отворање на повеќе работни места, порачаа од Стопанска комора.

Фактот дека економскиот раст не се одвива според очекувањата е причина економските експерти да ги намалат очекувањата за вкупниот раст на домашната економија.

Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ во последниот макроекономски монитор ја намали проекцијата за раст на БДП, кој, според нив, оваа година ќе изнесува само 1,7 отсто, наместо претходно очекуваните 2 отсто, додека, пак, се очекува поголема инфлација од претходно.

– Според нашите анализи во вториот квартал од годинава, БДП се зголеми за 1,1 отсто на годишна основа, што претставува забавување на економската динамика во однос на претходниот квартал. Тенденциите за забавена економска активност, очекувани во претходниот макромонитор, веќе се материјализираа во вториот квартал од 2023 и се очекува да опстојат и во следните квартали. Економијата е под значаен ризик од понатамошно забавување – посочуваат од „Фајненс тинк“.

Според Народната банка, од структурен аспект, намалениот раст на БДП од 1,1 отсто произлегува од нето-извозот, дополнет и од личната потрошувачка, која постепено забавува.

– Остварувањата во првата половина од годината се малку подобри од проекциите на Народната банка, но ризиците од надворешното окружување за економската динамика и натаму се неповолни. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2023 година, со кои се располага во моментов, се недоволни за согледување на состојбите во целина, но засега податоците покажуваат мали негативни движења кај индустриското производство, како и умерено продлабочување на реалниот пад кај прометот во вкупната трговија – нагласуваат од Народната банка.

ЕБОР очекува економскиот раст во регионот на Западен Балкан да забави до 2 отсто во 2023 година, а наредната да достигне до 3,4 проценти.

Од земјите во регионот, најголем економски раст годинава ќе имаат Црна Гора и Косово од 3,5 проценти, Албанија и Хрватска 2,5 проценти, Грција 2,4 проценти, Србија 1,8 проценти, Бугарија 1,6 проценти, а најмал Босна и Херцеговина од 1,5 проценти.