Претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ, освои четири награди на театарскиот фестивал „Живи фест“ во Босна и Херцеговина. Со едногласната одлука на жирито во состав: Владо Керошевиќ – актер, Љиљана Чекиќ – актерка и Алмир Башовиќ – драмски писател, претставата освои: специјалната награда за режија која е доделена на Нина Николиќ, наградата за најдобра актерка ја доби Дарја Ризова, наградата за најдобар актер оди во рацете на Саша Ханџиќ и специјалната награда за актерска игра ја освои Џана Џаниќ.

“Засновајќи ја својата режија првенствено на посветената работа со актерите, Нина Николиќ не потсети на степенот до кој театарот е синтеза на различни елементи, но во своите најдобри моменти тоа главно се базира на способноста да остане првенствено актерска уметност. Дарја Ризова, пак, демонстрира големи актерски способности засновани на суптилни актерски средства, покажувајќи дека актерската уметност која води до убедлив сценски свет е многу способна да ги надмине јазичните бариери“, се вели во образложението за наградите.

„Нема да биде крај на светот“ првата премиерна изведба ја имаше на 18 септември во Сараевски ратни театар – САРТР, Сараево, а скопската премиера во Македонскиот народен театар се очекува кон крајот на ноември. Претставата е во продукција на Перипетија продукција – Скопје, во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР.