Македонскиот спорт доби уште еден низок удар, овој пат тоа беш пливањето, поточно најпопуларниот спортски настан во нашата држава, Охридскиот пливачки маратон, кој традиционално секоја година се одржува на крајот од август. Но, за жал оваа манифестација годинава нема да се одржи. Ова беше соопштено по  средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со претседател на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски.

Од кабинетот на претседателот информираа дека на средбата се разговарало за реализираните активности на Националната пливачка федерација, за организациските проблеми и предизвици во пливањето на домашен и меѓународен план, како и за идните планови на федерацијата.

-Претседателот на Националната пливачка федерација информираше дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон кој традиционално се одржува под покровителство на претседателот на државата и ги образложи причините поради кои е донесена таа одлука, а се поврзани со блокираната сметка на федерацијата и финансиското работење на претходното раководство, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот пендаровски.

Веднаш по објавувањето на веста за неодржување на Охридскиот пливачки маратон, со реакција до претседателот на својот фејсбук профил се јави и пратеникот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Драги Ковачки.

-Добро бе бандо предавничка, а бе до толку ли сте забегани да го уништите и охридскиот пливачки маратон? Стево, претседателе, што и да си, покровител си на маратонот, нели ти е срам да го уништуваш тоа што некој ти го оставил а ти си требало само да го продолжиш?

Значи никој не бара од тебе да измислуваш нешто ново, туку само да го продолжиш децениското наследство. Нели ти е срам да излезеш во јавност после ваков кикс? Па јубилеј од 60 години требало да се прослави оваа година, ама тоа тебе и на твоите не ви е важно.

Знаеш да одмараш во вилата во Охрид, ама пари за маратонот нема!

Како може да има пари за прослава на ДУИ која ништо не значи и на која се исвиркува македонскиот јазик, а да нема пари за охридскиот пливачки маратон?

Свесен ли си Стево колку си грешен? Македонија немала послаб претседател на држава! Македонија нема претседател на држава! – стои во рекацијата на Ковачки на Фејсбук.

Меѓу тие што жестоко реагираа беше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

-Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки. Срамната одлука за неодружување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот маратон, вели Пецаков.

Проблемите во Пливачката федерација траат веќе неколку години, поради борбата за власт, во која на другата страна беше поранешниот пливач Александар Маленко. Последен пат Охридскиот маратон не се одржа во 2020 година, но поради пандемијата. Така, јубејелната 60 -та манифестација во Охридското езеро ќе почека до следната година.