Премиерот на Катар: Суспендирани преговорите за договорот за прекин на огнот во Газа

108

Катарскиот премиер Шеик Мохамед Ал Тани, изјави денеска дека преговорите за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа во моментов се суспендирани.

Ал Тани, чија земја посредува меѓу Израел и Хамас заедно со Египет и САД, рече дека разговорите се во „деликатна фаза“.

„Се обидуваме колку што е можно побрзо да го решиме овој камен на сопнување“, рече тој, без да прецизира за што точно се работи, пренесува Би-Би-Си.

Посредниците предложија шестнеделно примирје, за време на кое Хамас ќе ослободи 40 жени, деца и постари или болни заложници.

САД ја обвинија палестинската вооружена група за „попречување на прекинот на огнот“, откако таа ја одби понудата во текот на викендот.

Со еднонеделниот прекин на огнот во ноември беа ослободени 105 заложници, главно жени и деца, во замена за околу 240 палестински затвореници кои беа ослободени од израелските затвори.

Шеикот Мохамед, чија земја е дом на многу политички лидери на Хамас, рече дека посредниците се обидуваат да одржат разговори за прекин на огнот, и покрај несогласувањата на завојуваните страни.

Хамас во саботата објави соопштение во кое вели дека е подготвен да преговара за „сериозен и вистински“ договор за размена на заложници, но го отфрли она што е моментално на маса и повтори дека останува на своите барања за траен прекин на огнот, што ќе доведе до целосно повлекување на израелските војници од Газа и враќање на раселените Палестинци во нивните домови.

Израелската разузнавачка агенција Мосад, чиј директор го предводи израелскиот преговарачки тим, во неделата рече дека позицијата на Хамас покажува дека нејзиниот лидер во Газа, Јахја Синвар, „не сака хуманитарен договор и враќање на заложниците, продолжува да ја користи тензијата со Иран и бара да ги обединиме секторите и да постигнеме општа ескалација во регионот“.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, рече дека „заклучокот е дека Хамас треба да го прифати тој договор и треба да му објаснат на светот и на палестинскиот народ зошто не сакаат“.