„Ова е особено важно за нас бидејќи ДЛУМ е едно од ретките здруженија кои постои 75 години. Тоа значи исто толку колективна ликовна меморија каде што се вткаени најзначајните имиња на македонската современа ликовна уметност како: Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Љубомир Белогаски… кои се едни од основоположниците. Ова е историски момент за ДЛУМ, но и за министерката за култура бидејќи успеала да го реши овој децениски проблем кој што се провлекуваше години наназад“, посочи за ВЕЧЕР Јана Манева-Чупоска, претседателката на ДЛУМ
Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) конечно ќе се вдоми во сопствени простории во објект лоциран на „Илинденска“ во Скопје. Како што посочува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска трајно е решен деценискиот просторен проблем, или како што истакнува актуелната претседателка на ДЛУМ Јана Манева-Чупоска, по цели 75 години голгота и функционирање како потстанари, ликовните уметници со одлука на Владата добија репрезентативен простор за нивно делување.
„Мора да го изразам моето огромно задоволство и среќа што конечно ДЛУМ се вдоми и има свој сопствен простор по цели 75 години. Ова е особено важно за нас бидејќи ДЛУМ е едно од ретките здруженија кои постои 75 години. Тоа значи исто толку колективна ликовна меморија каде што се вткаени најзначајните имиња на македонската современа ликовна уметност како Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Љубомир Белогаски… кои се едни од основоположниците. И драго ми е што и во нивно име го оправдавме концептот дека ДЛУМ мора да постои и дека државата треба да му даде поддршка. Сите претседатели на ДЛУМ со децении наназад бараа и се трудеа да обезбедат простор. Откако станав претседател на ДЛУМ уште од првиот ден започнав со оваа мисија, бидејќи сметам дека без простор се друго е проблематично да се реализира. Имавме навистина многу средби во овој период со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска бидејќи тој процес на барање на простор траеше подолго време, а баравме и кој простор во градот би бил најадекватен за ДЛУМ “, посочи Јана Манева-Чупоска, актуелна претседателка на ДЛУМ.
Новиот простор на ДЛУМ се наоѓа на улица „Илинденска“, а е објект за кој ДЛУМ достави барање до Министерството за култура како можност за трајно решение и на нивниот децениски нерешен статус.
„Огромно е задоволството што успеавме да ја реализираме идејата ДЛУМ да го добие овој објект на атрактивна локација, со што правиме историски исчекор во зацврстување на статусот на најстарото еснафско уметничко здружени во земјава и создаваме услови за негово современо развивање и иднина. Искрено верувам дека во својот дом, по децениско талкање и барање соодветни услови за работа, бројните членови на ДЛУМ, наследници на основополжниците на ликовната уметност кај нас: Мартиновски, Личеноски, Димитар Андонов-Папрадишки, Поповиќ-Цицо, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Михајло Шојлев, ќе најдат нова инспирација за ново и возбудливо творештво. Верувам дека оваа куќа на ‘Илинденска’, ќе стане едно од централните места за афирмација на македонското современо ликовно творештво од каде што ќе се создадат нови дела кои далеку ќе ја афирмираат нашата култура“, вели министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.
И Манева-Чупоска посочи дека токму оваа куќа на „Илинденска“ ја сметаат за соодветен простор, а самиот факт што е во сопственост на државата, а не во сопственост на приватно лице им ја олеснило постапката.
“Ова е историски момент на ДЛУМ, но и за министерката за култура бидејќи успеала да го реши овој децениски проблем кој што се провлекуваше години наназад. На седница на Владата по предлог на Министерството за култура е изгласано овој објект да се даде на трајно користење на ДЛУМ. Се работи за стара градска куќа на три ката, со интересна архитектура типична за старо Скопје. Ние сега сериозно ќе може да размислуваме на каков начин понатаму ќе функционираме. Ќе имаме галерии и професионални услови не само за изложби, туку и за дебати и културни настани. Сакаме таа куќа да биде еден од најважните културни центри во Скопје, каде што луѓето ќе поминуваат, ќе доаѓаат да присуствуваат на изложбите, да каниме уметници од странство за арт резиденции. Сега имаме огромни потенцијали ДЛУМ навистина да стане здружение за ликовна афирмација, за заштита на членовите и различни проекти, всушност за се она што подразбира еден современ сериозен културен и ликовен центар. Тука верувам дека и членството ќе биде помотивирано, но истовремено не сакаме да ја прекинеме и соработката со Домот на АРМ, со КИЦ, Арт Хаб, Национална галерија… каде што и досега се одржуваа традиционалните изложби. Но, сега имаме можност нашите изложби да ги организираме во наш простор“, додава Манева-Чупоска.
По формирањето во 1946 година ДЛУМ го имаше салонот под Калето, галеријата во ГТЦ, и уште неколку обиди за вдомување како потстанари во разни објекти кои не ги исполнуваа условите за галерија. До оваа одлука за трајно решавање на просторот, ДЛУМ користи канцеларија во Домот на АРМ во Скопје и плаќа надомест за своите изложбени активности.
На седница на Владата е донесена Одлуката за давање на трајно користење на простор на Здружението за афирмација на ликовното творештво, организација на ликовниот живот и збогатување на ликовната култура, ДЛУМ. (Д.Т.)
Фото: П. Стојаноски