Вашингтон предупреди: Ако не го смените Уставот, тоа ќе влијае на односите со САД!

Јасни насоки за промена на македонскиот Устав даде од Скопје американскиот сенатор Крис Марфи, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. Сенаторот Марфи ги нарече уставните измени технички и предупреди дека ако земјава не ги направи измените, тоа ќе има влијание и врз односите со САД, а таквата одлука ќе ги загрижи и членките на НАТО. Тој порача и дека војната во Украина предизвикала криза, но истовремено ја разбудила Европската унија за потребата да ги остави вратите отворени, што е нова релна можност за проширување, а Украина не може да блезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот.

1484

Јасни насоки за промена на македонскиот Устав даде од Скопје американскиот сенатор Крис Марфи, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. Сенаторот Марфи, кој е член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, ги нарече уставните измени технички и предупреди дека ако земјава не ги направи измените, тоа ќе има влијание и врз односите со САД, а таквата одлука ќе ги загрижи и членките на НАТО. Тој порача и дека војната во Украина предизвикала криза, но истовремено ја разбудила Европската унија за потребата да ги остави вратите отворени, што е нова релна можност за проширување, а Украина не може да блезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот.

Технички измени

 -Северна Македонија не треба да ја пропушти оваа прилика. Овие уставни измени, технички измени на Уставот се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ. Ова е нова можност која се укажува за проширување, не морам да ви кажувам што значи да се приклучите кон Европската Унија. Зборуваме за брз економски раст, за високи плати, повеќе американски компании кои што ќе доаѓаат во Северна Македонија. Последната работа што би сакал да ја кажам е следново. Сакам да бидам јасен и за влијанието што тоа ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат. Ако одлучи против овие уставни измени. Тогаш ќе се тргнеме од патот кон Европската Унија, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО. Оние кои што сакаме да ги браниме, ги браниме врз основа на нашите вредности, рече сенаторот Марфи.

Американскиот сенатор рече и дека САД остануваат големи пријатели на земјава, но луѓето и лидерите во САД ги набљудуваат изборите што ќе бидат направени во следните неколку месеци и сите се надеваат дека одлуката ќе биде усогласена со безбедносните мерки на НАТО и со патот кон ЕУ. Марфи очекува набрзо да слушне добри вести во врска со уставните измени.

  -Треба да се направат избори. Русија е сериозна закана на Алијансата, на светските демократии. Ова е моментот за демократиите во Европа да се обединат, да ги донесат тешките одлуки за да возвратат на оваа агресија. Затоа премиеру, го поздравувам нашето пријателство, многу ми е важно. Вашата посета на Вашингтон беше од витално значење и навистина се надевам дека од Скопје ќе слушнеме добри вести набрзо во врска со уставните измени и патот кон Европската Унија. Ние остануваме со вас за да се осигуриме дека како што се приклучивте кон НАТО така ќе се приклучите и кон ЕУ, рече сенаторот Марфи.

Амерканскиот сенатор порача дека е свесен за долгиот пат на Македонија кон ЕУ и за дилемите кај многумина дали Унијата е вистинската опција и направи споредба со членството на земјава во НАТО.

-Знам, навистина знам, дека долг беше патот кон ЕУ. Знам и дека за многумина поставуваат легитимни прашања за тоа дали ЕУ е вистинската можност. Тука сум да ви кажам дека е.  Многу луѓе го кажуваа истото и за НАТО. Дека Северна Македонија никогаш нема да добие покана од НАТО. Но вие ги презедовте потребните тешки чекори за да ја овозможите таа покана. Потпишавте историски договор, којшто ја овозможи таа покана, и денес Северна Македонија е членка на НАТО Алијансата. И навистина посакувам тоа да добиеше повеќе внимание, се случи во време на ковид, и можеби не сите тука сфаќаат што значи тоа да се има безбедносна гаранција од САД, рече сенаторот Марфи и додаде дека сега ни претсојат слични чекори коишто треба да бидат преземени со цел земјава да се приклучи кон ЕУ.

Тешки одлуки

Премиерот Димитар Ковачевски пак, по средбата со Марфи најави дека ни претстојат тешки и храбри одлуки, кои не се само на еден човек, една влада или една политичка партија, туку на сите политички актери во државата, а веднаш потоа порача дека тој ќе ги донесе и ќе ги предводи сите потребни одлуки кои ќе обезбедат македонските граѓани повторно да имаат стандард каков што имаа во Југославија.

– Несомнено е дека ни претстои пат со тешки и храбри одлуки и она што со задоволство можам да го кажам е дека на тој пат имаме силна поддршка од Соединетите Американски Држави и од нивните високи претставници. Секое пријателство кое нѐ уверува дека сме на вистинскиот пат е од исклучителна важност за нас како држава. Одлуката што е пред нас, не е одлука на еден човек, една влада или една политичка партија, туку на сите политички актери во државата. Ние мора да обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на ЕУ, изјави Ковачевски.

Македонија – фактор на стабилност

Македонскиот премиер се пофали дека благодарение на поддршката од искрените пријатели како САД, по три декади од својата независност, Македонија од земја корисник на меѓународни мировни мисии, стана земја фактор на стабилност на Западен Балкан, земја членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ и земја со отпочнати преговори со ЕУ.

-Имаме наше високо позиционирање на демократскиот напредок на прво место во однос на другите земји од Западен Балкан според мерењата на Фридом хаус. Според мерењата на Репортери без граници од 118-то место во светот во 2016, стигнавме на 38-мото место во светот по слободата на медиумите, а само во мојот мандат се качивме погоре на листата за 19 места за 1 година, потенцира Ковачевски.

Премиерот рече дека силното партнерство со САД се гледа и во екомонијата при што трговската размена лани изнесувала четврт милијарда долари.

-Во моментов имаме 12 големи американски компании кои доаѓаат и од САД меѓутоа и од Канада, од северноамериканскиот континент. Повеќето компании се од автомобилската индустрија, но дел влегуваат и во енергетикатата и електрониката. Тука ги имаме Леар, Дура, Адиент, но морам да ги посочам и Бехтел и Енка кои ќе работат на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, исто така морам да го споменам Јагео еден од најголемите светски производители на чипови, односно Кемет со кого работат во парнтерство како најскоро позната инвестиција кои ќе придонесат сериозно за раст и развој на македонската економија и нешто што беше незамисливо до пред извесно време денес станува реалност, односно во нашата држава ќе се произведуваат компјутерски чипови за автомобилска, авионската и медицинската индустрија, изјави Ковачевски.

Ова е втора средба на македонскиот премиер со сенаторот Крис Марфи, откако се сретнаа пред неполни три недели во Вашингтон, за време на посетата на Ковачевски на САД, каде уставните измени исто така биле на маса.

Силни пораки за потребата од уставни измени изминатиот период доаѓаат од Вашингтон. Уставните измени влегоа и во Сенатот на САД. Заменик-помошникот државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на сослушување во Комитетот за надворешни работи на Сенатот порача дека промените во македонскиот Устав се тежок, но неопходен чекор. Советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, исто така порача дека САД треба да ја поддржат Македонија за потребните уставни промени кои можеби изгледаат минорни, но се политички доста тешки. Американската амбасадорка во земјава, пак, Анџела Агелер, смета дека сега е моментот кога земјава треба да ја отвори вратата, да се втурне низ неа и да се движи напред кон својата посветла иднина. (В.С.Н.)