Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека протекувањето на видео на воени офицери, кои разговараат за доверливи работи поврзани со војната во Украина, објавено во Русија, се истражува темелно. „Тоа е многу сериозна работа и затоа сега е предмет на многу внимателна, многу темелна и многу брза истрага“, рече Шолц.
Директорката на рускиот државен телевизиски канал Маргарита Симонјан, во петокот објави на интернет 38-минутна аудиоснимка од, како што рече, разговор меѓу офицери на германската војска за нападот на Крим на 19 февруари.
Се слуша како разговараат за можноста украинските сили да користат крстосувачки ракети „воздух-земја“ од германско производство со долг дострел и за потенцијалните последици.
Долго време Украина ги бара од Германија овие ракети со „невидлива стелт-технологија“, кои можат да погодат цели на оддалеченост од повеќе од 500 километри.
Досега Шолц одбиваше да ги испрати тие проектили, плашејќи се дека тоа ќе доведе до ескалација на војната во Украина.
Ова вклучува таргетирање цели како што е главниот мост преку теснецот Керч, кој ја поврзува Русија со Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
Офицерите разговараат и за употребата на ракети кои Франција и Велика Британија ги доставуваат до Киев.
Експертите кои ги консултираше германскиот магазин Шпигел сметаат дека снимката е автентична.
Неименуван портпарол на германското Министерство за одбрана, изјави за АФП, дека е во тек истрага за да се утврди дали се пресретнати комуникациите во воздухопловниот сектор.
Зборувајќи вчера на дипломатски форум во Турција, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека видеото покажува дека Украина и нејзините поддржувачи апсолутно не сакаат да го променат курсот и сакаат да и нанесат стратешки пораз на Русија на бојното поле.