По Мерко и Камчев, стигна и Анѓушев – кој е следен на црната листа на САД?

Ќе следуваат повеќе означувања за корупција, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и на граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени – напиша  американската амбасадорка Анџела Агелер на „Х”

549

Факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Македонија, објави американската амбасадорка Анџела Агелер на платформата „Х”, порано позната како „Твитер“, откако Стејт департментот одлучи да му забрани влез во САД на поранешниот заменик-премиер Кочо Анѓушев, „поради вмешаност во значителна корупција”.

Одлуката, како што пишува амбасадорката, е уште еден доказ дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјата и во регионот, без разлика на нивната позиција, на политичката определба или времето на злоупотребите.

– Ќе следуваат повеќе означувања за корупција, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и на граѓаните на оваа земја да побараат одговорност  и промени – напиша  американската амбасадорка Анџела Агелер на „Х”.

Во врска со ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа на САД, се огласи и вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење, Славица Грковска, која рече секоја помош е добредојдена, но дека  главната обврска треба да биде на домашните институции, кои треба да преземаат мерки.

– Секоја помош од меѓународните институции, од нашите пријателски држави, особено од САД, кои се стратешки партнер, е добредојдена и очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземаат сите неопходни мерки согласно со укажувањата. Веќе предложивме, и тоа помина на Влада, да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што, покрај санкциите од ЕУ и од ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал – изјави Грковска.

САД во вторникот соопштија дека му е забранет влез во Соединетите Американски Држави на поранешниот заменик-премиер Кочо Анѓушев,  „поради вмешаност во значителна корупција“.

– Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на своите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и во јавните процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија што бараат одговорност од корумпирани јавни функционери – соопшти Стејт департментот.

По оваа информација, се јави и Анѓушев, кој тврди дека „нема никаква основа за ограничување на неговиот влез во САД“.

– Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ, во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, САД, за борба против корупцијата – се вели во соопштението на Анѓушев, кој беше вицепремиер во владата на Зоран Заев од 2017 до 2020 година.

На црната листа на САД, поради корупција, претходно се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков, градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.