По трагичните настани во Србија минатата недела во кои загинаа 17 невини луѓе, меѓу кои и деца, полицијата ширум регионот презеде засилени контролни мерки поради ризикот од слични закани.

Се повикуваат и граѓаните доброволно да го предадат огненото оружје на полицијата без никакви правни последици, без разлика дали е незаконски или законски во сопственост и без разлика на категоријата огнено оружје.

Освен во Србија, ден на жалост е прогласен и во Босна и Херцеговина и во Црна Гора.

Во деновите по трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“ и убиствата во селата кај Младеновац, почнаа да се шират извештаи за малолетници, но и постари лица, кои се закануваа дека ќе извршат слични кривични дела. Почнаа да кружат видеа од позирање со пиштоли, застрашувачки пораки за поддршка на осомничените за убиства, по што следеа апсења.

Работата да биде уште полоша, ваквите сцени не дојдоа само од Србија, туку и од соседните земји. Во изминатите неколку дена, полицијата на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Словенија мораше да реагира поради напади, загрозување на безбедноста и закани. Честопати виновници за тие кривични дела биле малолетни.