Големата кашлица влегува на мала врата во Македонија. Од Министерството за здравство, ИЈЗ и од МАЛМЕД велат дека вакцините се безбедни и дека спасуваат човечки животи, но, и покрај тоа, има родители што не ги носат своите деца да примаат вакцини. Но, со растот на бројот на заразени со голема кашлица, апелот на лекарите допре до родителите, особено кај оние што не ги ревакцинирале децата на 20 месеци. Во речиси сите вакцинални пунктови се создаде метеж, се чека во редици да се имунизираат децата. Според последните анализи на Институтот за јавно здравје, опфатот на имунизација со ди-те-пер е 87 отсто со првите три дози, а кај ревакцинацијата е помал и е под 80 отсто. Целта на Министерството за здравство е да бидат имунолошки заштитени што поголем број деца од голем број заразни болести, за да има колективен имунитет и за да не се јавуваат епидемии

Имунизацијата е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и на морталитетот од заразни заболувања. Статистичките податоци на Светската здравствена организација покажуваат дека со вакцинирањето се спасуваат од два до три милиони детски животи во светот, секоја година. УНИЦЕФ изразува загриженост поради растечкиот број случаи на голема кашлица во земјава. Според нив, само со постигнување колективен имунитет, можеме да ги заштитиме оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња и лицата со слаб имунитет

 

Валентина МАРЈАНОВИЌ

 

Големата кашлица влегува на мала врата во Македонија, драматично, со можност да ни донесе епидемија слична како онаа во 2019 година, кога имавме околу три илјади заразени со мали сипаници, а четири дечиња не се изборија со вирусот и кобно завршија. Ова се случува кога не се почитуваат препораките на науката, туку се прави теорија на заговор, преку нестручно пишување на социјалните мрежи. Голем број родители се доведоа во заблуда, со што ги изложија своите деца на голем ризик. Тоа резултираше со значително намален опфат на имунизација на децата во земјава, согласно со редовниот вакцинален календар. Болести што речиси беа искоренети изминативе години, во Македонија, сега се враќаат како бумеранг.

Нешто слично е и во регионот, каде што во моментов, во соседните Србија и Хрватска, „дивее“ пертусисот, т.н. голема кашлица или кашлица од 100 дена, а во Романија – малите сипаници. Во Македонија, во моментов се регистрирани над 30 случаи со пертусис и, како што потврдуваат лекарите, најголем дел од малите пациенти не се вакцинирани со ди-те-пер или не ја примиле ревакцината. Деновиве, Комисијата за заразни болести (КЗБ) го вклучи алармот и побара, преку Министерството за здравство, Владата да прогласи епидемија на пертусис во Скопје, бидејќи најголемиот дел од пациентите се од главниот град. Комисијата и директно се обрати до родителите и побара од нив, за да не се прошири болеста и за да ги заштитат своите деца, веднаш да ги вакцинираат со ди-те-пер. За да не се формираат кластери од заразени со пертусис, Комисијата препорача невакцинираните дечиња да не одат во градинка.

За среќа, апелот допре до родителите, особено до оние што не ги ревакцинирале децата на 20 месеци. Во речиси сите вакцинални пунктови се создаде метеж, чекајќи во редици за да се  имунизираат децата. Според последните анализи на Институтот за јавно здравје, опфатот на имунизација со ди-те-пер е 87 отсто со првите три дози, а кај ревакцинацијата е помал и е под 80 отсто. 

– Големата кашлица е вакцино-превентабилно заболување и најдобра превенција е редовната вакцинација, согласно со распоредот за вакцинација даден во календарот за имунизација. Во моментов, кога расте бројот на заразени со пертусис, во МЗ, посебен акцент е ставен на интензивирањето на вакцинацијата на децата со ди-те-пер. Тоа значи да се пронајдат сите деца што се непотполно вакцинирани и се пропуштени за вакцинација, и веднаш да се вакцинираат. За таа цел, согласно со Законот за заштита на населението од заразни болести, епидемиолозите вршат епидемиолошко истражување на терен, на секој поединечен случај на голема кашлица, вршат пребарување на нивните контакти и даваат препорака за нивна хемиопрофилакса. На територијата на која е детектиран случајот, се врши истражување на вакциналниот опфат и се интензивира вакциналната кампања – велат од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР, потенцирајќи дека будно ја следат актуелната состојба во земјава.

Според нив, Секторот за примарна и превентивна здравствена заштита при МЗ, по препорака на Комисијата за заразни болести, по детектирањето на првите два случаи на голема кашлица во земјава, веднаш писмено се обратил до сите вакцинални пунктови, кои ја спроведуваат задолжителната вакцинација во земјава, да ги интензивираат пребарувањата на невакцинираните и на непотполно вакцинираните лица за да ги повикаат што поскоро да ја примат ди-те-пер вакцината.

Крајно време да се смени менталниот склоп на размислување во земјава. Секое вакцинирање значи спасување на живот

За состојбата со пертусис во земјава, досегашниот министер за здравство, Фатмир Меџити, во неколку наврати директно им се обрати на родителите што не ги вакцинирале своите деца.

– Крајно време е да се смени менталниот склоп на размислување во земјава. Секое вакцинирање значи спасување на живот. Затоа ги повикувам родителите да ги вакцинираат своите деца, за нивно добро и да ги превенираме ваквите појави – рече Меџити, кој не може да разбере како биле вакцинирани родителите кога биле деца, а сега не ги вакцинираат своите деца.

Од Здравство велат дека располагаат со доволен број вакцини и дека матичните лекари и педијатрите треба да ги предупредат родителите што поскоро да ги одведат невакцинираните бебиња да ја примат вакцината што се дава по вториот месец од животот.

 Вклучено е црвено светло кај епидемиолозите, педијатрите и матичните лекари

Ширењето на пертусис во земјава го вклучи црвеното светло и кај епидемиолозите, матичните лекари и кај педијатрите.

– Во 21 век сме, а како да сме во 18  век со размислувањето – реагира професорот д-р Драган Даниловски, епидемиолог со високо реноме и поранешен министер за здравство.

Според него, ако затаило семејството, образовниот систем, исто така, тогаш матичните лекари се тие што треба да ги едуцираат родителите и да им укажат на значењето на вакцините. Големата кашлица, по морбилите, е една од најзаразните болести и брзо се шири. Се работи за бактериска инфекција, а инкубацијата е од 7 до 21 ден.

– Тоа не е обично кашлање. Почнува со симптоми на обична настинка, но кога ќе почне кашлицата, во напади, тоа е нешто што може да го смисли само режисер на хорор-филм. Тоа е толку драматично, толку страшно, потресно е да се биде сведок на таа кашлица. Детето не може да земе здив. Може да го загуби и животот поради задушување. Се прашувам со кој памет, со кое срце одредени родители решаваат нивното дете така да се мачи кога вакцините се сосема безбедни – реагира д-р Даниловски.

ВЕЧЕР контактираше повеќе матични лекари и педијатри во Скопје за да кажат како се справуваат во новонастанатата ситуација. Како што ни рекоа, интензивно ги проверуваат вакциналните картони, да неслучајно останало некое дете.

– Како матичен лекар со повеќе од 30 години искуство, многу ми е битно децата што ги водам, да ми се вакцинирани. Нашиот удел, како педијатри, е голем што успеваме да се вакцинирани децата во олкав процент. Најголемиот дел од претшколските деца се вакцинирани со поливалентната вакцина, ди-те-пер, рота – вакцина што се прима на два и пол месеци, а во родилиштата се вакцинирани со бесеже. Најмалку отстапување имаме кај МРП- вакцината. Зошто е тоа така? Имаме многу причини од страна на родителите, надворешни фактори, а некогаш и ние, докторите, одлагаме од оправдани причини, особено кај дечињата што се почесто на боледување и се со намален имунитет од вирусни инфекции. Имаме и случаи што не можеме да ги убедиме, не прифаќаат, никако да се прими МРП-вакцината, за што си имаат свое оправдување и свои права. Но, правото не е секогаш стопроцентно, а ние им укажуваме дека имаат и морална одговорност за другите дечиња – вели д-р Мира Атанасова за весникот ВЕЧЕР.

Таа, како искусен педијатар и семеен доктор, ни кажа дека речиси сите бебиња за кои се грижи таа, се имунизирани.

– Речиси сите бебиња ми се вакцинирани, освен неколку што додека биле во болница, примале крвни деривати и плазма, и кај нив се одложува до шестиот месец. Тоа е оправдано, но до првата година, тие ги имаат примено трите дози на ди-те-пер. Затоа, во моментов, немам дете за кое се плашам дека може да добие пертусис. Повеќе се плашам од големите деца и од возрасните, бидејќи таа вакцина  нема доживотен имунитет, а гледаме што се случува сега – посочува д-р Атанасова.

Таа сугерира до Министерството за здравство и до Фондот за здравство да го олеснат начинот на докажување на пертусис во јавното здравство, бидејќи анализите во приватните лаборатории се многу скапи.

За овој проблем, го контактираме ИЈЗ, од каде што нè информираа дека, во моментов, располагаат со доволен број тестови за пертусис, кои се дел од јавното здравство.

Зошто родителите ја загубиле довербата во здравствениот систем?

ВЕЧЕР деновиве се упати на терен, пред вакциналните пунктови, за да воспостави непосреден контакт со родителите. Најголемиот број од нив ги носат децата да ги ревакцинираат со ди-те-пер, но има и такви што ја даваат и МРП-вакцината, која штити од морбили, рубиола и од паротитис. Родителите најмногу одложуваат кога станува збор за оваа вакцина, бидејќи се зборува во јавноста дека предизвикува аутизам. Како што забележавме, за вакцина чекаа поголеми деца, од две до шест години. Одговорите на родителите беа различни, секој имаше свое размислување околу имунизацијата.

– Не сум „антиваксер“, тукум едноставном немам доверба во нашиот здравствен систем. Секој ден слушаме за некакви афери, а никој не презема одговорност. Како, во еден таков општ хаос што постои, да го носам детето да ми го вакцинираат? Ниту некој кажува од каде ги набавуваат вакцините, ниту дали се чуваат според стандардизирани процедури, туку само се јавуваат и ме повикуваат да го донесам детето на вакцинација. Се плашам од тој хаос, но најмногу се плашам за здравјето на сопственото дете – вели загрижен родител за весникот ВЕЧЕР.

Како пример, ни посочија за конкретен случај.

„Пред извесно време, мој близок пријател одведе здраво дете на вакцинација, а потоа, тоа два дена имаше температура, стана нервозно, раздразливо, како да стана сосема друго дете. Не сум приврзаник на некакви теории на заговор, меѓутоа, целата оваа одбивност кон вакцинацијата најмногу ми ја предизвикува недовербата кон здравствените институции и воопшто кон сите државни институции, бидејќи ако се случи нешто, не дај Боже, никој не презема одговорност и се заштитени токму тие што ја направиле штетата”.

Најголем број од родителите сметаат дека, поради голем број здравствени афери, настанал хаос во главата на обичниот граѓанин.

– Довербата е нарушена, секој го сака најдоброто за сопственото дете. Но, кога ќе имаме транспарентно и европско здравство, кога ќе се вакцинираат нашите деца со истите вакцини како оние во Германија, Франција, Италија, кога ќе понесуваат нашите доктори иста одговорност, тогаш верувам дека никој нема да го остави своето дете невакцинирано – вели една мајка, која чекаше во ред пред вакцинален пукт, исплашена од ширењето на големата кашлица.

 УНИЦЕФ изразува загриженост од растот на случаите со голема кашлица кај нас

УНИЦЕФ изразува загриженост поради растечкиот број случаи на голема кашлица во земјава. Тие се придружуваат  кон повикот на здравствените експерти упатен до родителите и до старателите: да ги вакцинираат децата.

– Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, родителите денес ја имаат таа среќа да растат без да доживеат некој член од семејството или пријател да им почине или да има доживотни последици од болести, како што се мали сипаници или детска парализа. Сегашната епидемија од голема кашлица потсетува на важноста од одржувањето опфат со редовна вакцинација на децата над 90-95 отсто за да се постигне колективен имунитет – се вели во соопштение на УНИЦЕФ.

Според нив, само со постигнување колективен имунитет, можеме да ги заштитиме оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња и лицата со слаб имунитет.

– Докажано е дека вакцините се безбедни и, глобално, секоја година, тие спасуваат од два до три милиони детски животи од сериозни болести. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите: обезбедете им на своите деца онаква заштита каква што обезбедиле вашите родители за вас, во минатото. Имате моќ да го заштитите своето дете, другите деца и заедницата од болести што може да се спречат со вакцини, кои се докажано безбедни и високоефикасни – се истакнува во соопштението на УНИЦЕФ.

 И анализите на СЗО покажуваат дека секоја година, со вакцинирање се спасуваат милиони детски животи во светот

Имунизацијата е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и на морталитетот од заразни заболувања. Статистичките податоци на Светската здравствена организација покажуваат дека со вакцинирање се спасуваат од два до три милиони детски животи во светот, секоја година.

Благодарение на имунизацијата, многу заразни болести што во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, морталитет кај децата и кај возрасните или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи, без смртен исход и трајни последици.

Во Министерството за здравство, за програмата за имунизација, годинава се предвидени речиси милион евра помалку од 2023 година

Министерството за здравство на Северна Македонија секоја година носи програма за задолжителна имунизација на населението. За оваа 2024 година, основната цел на оваа програма е постигнување на опфат над 95 % на национално и на регионално ниво, и над 90 % на локално ниво со сите вакцини, согласно со календарот за имунизација. Дополнителните активности за зголемување на опфатот се одржувањето на Европската недела на имунизација, во периодот од 24 до 30 април; националните и регионалните денови на имунизација; едукативните семинари, но и кампањите за промоција на вакцинацијата. Во програма, има и пристап како да се зголеми опфатот кај тешкодостапните популации во руралните средини, во ромската популација и кај лицата што често го менуваат своето место на живеење и престојување како што се мобилните групи, мигрантите, бегалците. За таа цел, ќе се воведат и  теренски активности, повикување, како и вакцинација од врата на врата.

– Секоја година, со Ппрограмата за имунизацијап се предвидени  потребните средства наменети за набавка на вакцини, наменети за континуирана вакцинација и потребните резервни дози вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации, согласно сосклучените договори со набавувачите на вакцини. Во програмата за 2024 година, првпат се предвидени и средства за промоција на Европската недела на имунизацијата, вклучително и одржување работни средби со тимовите од вакциналните пунктови и со ЕПИ- координаторите за имунизација, со цел зголемување на свесноста на здравствените работници за значењето на имунизацијата и за безбедноста на вакцините и подготовка на промотивен материјал наменет за родителите. Во 2023 година, беа одобрени средства од буџетот во висина од 410.000.000,00 денари (околу 6,6 милиони евра), кои целосно се реализираа, а за 2024 година, програмата ќе се реализира со одобрени средства во висина од 358.000.000,00 денари, (5,7милиони евра), со можност за обезбедување дополнителни средства, согласно со потребите – информираат од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР.

Во градинките и во училиштата треба да има колективен имунитет, а тоа е согласно со Законот за заштита од заразни болести

Што се однесува, пак, за запишување на децата во градинка или во прво одделение, само доколку се вакцинирани, од Министерството велат дека тоа е согласно со Законот за заштита од заразни болести. Според нив, и покрај притисокот во јавноста, на кој потпаѓаат одредени групи родители да не ги вакцинираат децата, целта на Министерство е што поголем број деца да бидат имунолошки заштитени од голем број заразни болести за да има колективен имунитет и за да не се јавуваат епидемии. За да се запишат децата во предучилишните установи, во градините или во основното образование, покрај останатите документи, треба да поседуваат и потврда од матичниот лекар дека ги примиле вакцините според календарот на имунизација.

– Согласно со правилникот за имунизација, вакциналниот статус на секое дете задолжително се проверува при запишување во предучилишните установи и во училиште. Така, се приложува документација за сите претходни имунизации, картон за имунизација – личен картон за извршена имунизација, кој е согласно со календарот за задолжителна имунизација – велат од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР.

Потребата од имунизација на децата не се коси со уставно загарантираното право за образование  

Во Македонија, задолжителната имунопрофилакса и хемопрофилакса е законски регулирана и нема контрадикторност во законската регулатива. Таа не се коси со уставно загарантираното право за задолжително образование, ако се бара да е имунизирано детето. Ова е образложението на правниот сектор при МЗ, од каде што велат дека Уставот дава загарантирано право на образование, но се заборава дека образовниот процес треба да биде во здрава средина.

 Но, и покрај добрата законска регулатива и соработката на нашата држава со СЗО, УНИЦЕФ и со бројни меѓународни релевантни фактори од оваа област, има деца, иако мал број, што остануваат незаштитени. Токму од овие причини ги прашавме во МЗ дали се потребни дополнителни кампањи, карвани во руралните средини или едукација на родителите, пред сè, преку разни форми во кои ќе бидат вклучени и медиумите.

– Министерството за здравство, со поддршка на УН-партнерите, континуирано вложува во кампањите за промоција на вакцинацијата, со цел едукација и подигнување на свесноста кај родителите во однос на важноста на навремената имунизација. Во изминатава 2023 година, со поддршка од СЗО, двапати беше спроведена кампањата „Од врата до врата“. Со овие две успешни кампањи, вакцинирани се повеќе од 5.000 деца или со закажан термин за вакцинација, посетени се повеќе од 7.000 домови, каде што е спроведена едукација, а се поделени повеќе од 13 илјади едукативни материјали за рутинска и ковид-вакцинација – беше одговорот на нашето прашање од Министерството за здравство.

Воведување електронска евиденција на имунизацијата на целата територија, преку националниот систем за електронска евиденција „МојТермин”

Во неколку наврати, во ресорното Министерство, се најавуваше дека е неопходно да се воведе електронска евиденција на имунизацијата на целата територија на државата, преку националниот систем за електронска евиденција „МојТермин”. Така, ќе може, по електронски пат, да се следи расположливото количество вакцини, нивната правилна распределба, како и планирање на редовните и навремени набавки на вакцини. Истовремено, ќе се следи и опфатот на вакцините, а ќе се знае и колку вакцинални тима се неопходни за да се аплицираат тие. Онаму каде што нема, ќе се подготви и соодветно обучен медицински кадар. 

Неопходно е и дополнување на правилникот за имунизација, со цел да се вклучат во него и нови поливалентни вакцини. Овие промени се неопходни за правилно известување и следење како се реализира имплементацијата на имунизацијата според календарот за задолжителна вакцинација.

– Правилникот не е само потреба, тоа е и проактивен став во приспособувањето кон промените, кои се неопходни. Станува збор за нормативна рамка, која ги рационализира процесите на имунизација, обезбедувајќи ефикасност на сите нивоа.  Клучно е и усогласувањето со Европската агенда за имунизација 2030, со прифаќање на основните принципи на агендата, за да ја зајакнуваме нашата решеност да постигнеме правичен пристап и да  го оптимизираме опфатот со вакцинација – велат од ресорното Министерство за весникот ВЕЧЕР.

Регистрираниот опфат на примарната вакцинација во земјава за 2022 година е под 90 % за сите вакцини

Институтот за јавно здравје на Македонија (ИЈЗ) во моментов ги обработува податоците за минатата 2023 година и како е реализирана програмата на имунизација во нашата земја. Засега, валидна е статистиката на ИЈЗ, која вели дека во 2022 година, во однос на примарната вакцинација во земјава, не е констатиран препорачаниот опфат од 95 проценти за ниту една вакцина, односно за сите вакцини, тој е под 90 %.

– Регистрираниот опфат на примарната вакцинација е под 90 % за сите вакцини, и тоа против хепатит Б, хемофилус инфлуенца тип Б, ди-те-пер/ИПВ и МРП-вакцината. Вакцината против хуман папилома вирус – ХПВ бележи најнизок опфат од сите вакцини и изнесува 52,5 %. Примовакцинацијата во три дози против хепатит Б има опфат од 84,1%, додека примовакцинацијата со три дози против заболувањата што ги предизвикува хемофилус инфлуенцата тип Б, ди-те-пер и вакцината ИПВ бележат опфат од 87,8 % – велат од ИЈЗ за весникот ВЕЧЕР и дополнуваат дека и во однос на ревакцинацијата, не е реализиран опфат од над препорачаните 95 %. Кај сите вакцини, тој е под 90 %.

ИЈЗ посочува дека ревакцината за МРП, која штити од мали сипаници, рубиола и од паротитис, бележи опфат од 89,2 проценти. Но, како што покажуваат анализите на Институтот, по градови, опфатот на вакцините е различен, некаде тој е повисок, а во некои градови загрижувачки. Конкретно за оваа вакцина, во Скопје, Штип, Пробиштип, Кочани, Виница, Радовиш, Струмица, Прилеп, Крушево, Тетово и во Македонски Брод е меѓу 90 и 95 %. Првата доза од оваа вакцина се прима на возраст од 9 до 15 месеци, додека втората се прима од 15 месеци до 6 години, со растојание помеѓу двете дози од најмалку 4 недели. По примени две дози, ефикасноста за стекнување имунитет е 97 % против морбили, 88 % против паротит и најмалку 97 % против рубела.

Заклучоците на Институтот за јавно здравје се дека во изминативе 20 години, сè до 2020 година, во Македонија не е регистриран опфат под 90 % на вакцинацијата, освен за ХПВ, која е воведена во земјава во 2009 година.

– Намалувањето на опфатот на вакцината е тренд присутен не само во нашата земја туку и на глобално ниво, а последниве години, тоа е поврзано и со светската пандемија на ковид-19 – велат од Институтот за весникот ВЕЧЕР и укажуваат дека трендот на намалување на опфатот на задолжителната имунизација го зголемува ризикот од појава на епидемии.

 Итно да се спроведе вакцинална кампања во повеќе градови низ државата, а во образовните институции да се спроведе теренска имунизација

Од ИЈЗ нагласуваат дека не само сега, кога расте бројот на заразени со пертусис, воопшто препораките на Светската здравствена организација – СЗО и на другите компетентни меѓународни институции ја наметнуваат потребата од преземање сериозни мерки во однос на задолжителната имунизација во земјава. За таа цел, сметаат тие, неопходно е координирано и засилено ангажирање на сите здравствени институции и поединци што се вклучени во процесот на вакцинација.

– Службите за вакцинација треба да се интензивираат и континуирано да ги известуваат невакцинираните и нецелосно вакцинираните, како и неевидентираните, преку проверка на вакциналниот статус за сите вакцини. Лицата што го немаат сторено тоа, веднаш да се повикаат и да се имунизираат според календарот. Да се спроведе вакцинална кампања во повеќе градови низ државата, а во образовните институции да се спроведе теренска имунизација. Треба да ѝ се посвети внимание на ромската популација  која често мигрира во државата и надвор од неа, со што се отежнува спроведувањето на континуирана, редовна и комплетна вакцинација меѓу нив. За оваа цел, треба да се ангажираат и патронажни служби и да се зајакне соработката – објаснуваат од Институтот за весникот ВЕЧЕР.

 Земјава има беспрекорна контрола на квалитетот на вакцините, тврдат од МАЛМЕД

Земјава ја засили контролата на квалитетот на вакцините преку Агенцијата за контрола на лекови – МАЛМЕД. Според нив, вакцините, без оглед од каде доаѓаат, во Македонија се контролираат детално, исто како и лековите. Така, при приемот на вакцините, се контролира дали се исполнети и условите околу нивната испорака, односно дали е спроведен транспортот преку т.н. ладен ланец.

– Се контролира и документацијата за квалитет, но и дополнително се прави проценка на таа серија и нејзиниот квалитет во Институтот за јавно здравје, каде што имаме соработка со луѓе што се експерти  за проценка на квалитетот на таа серија вакцини. Тие даваат стручно мислење до Агенцијата за лекови, па дури потоа се дава одобрение да се стави таа вакцина во промет. Тоа го правиме буквално за секоја серија. Можам да ви кажам дека сме единствени во регионот што прават проверки на квалитетот за секоја серија вакцини. Затоа, ова е апел за родителите да бидат сигурни дека се безбедни вакцините за нивните деца. Тоа е наша законска обврска, како МАЛМЕД – велат за стручни и одговорни лица од МАЛМЕД весникот ВЕЧЕР.      

За надзорот на имунизацијата во земјава е надлежен Државниот санитарен и здравствен инспекторат – ДСЗИ. Инспекторите се задолжени да ги спроведуваат контролите во микрорегионите во самите општини, поради опасноста од појава на т.н. џебови, каде што може да има голем број невакцинирани деца.

Вакцините се најголемото достигнување на човештвото, го потврдиле тоа низ годините и спасиле многу детски животи.

УНИЦЕФ – имунизацијата со МРП не предизвикува аутизам :За 60 секунди, вакцините спасуваат пет детски животи

Редовните вакцини за деца, само во последните 60 секунди, спасиле 5 животи. Тоа се уште 5 деца што се заштитени од смртоносни болести и што ќе може среќно да растат и да водат здрав живот. Од УНИЦЕФ велат дека вакцините се најбезбеден, најлесен и ефикасен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот понатамошен живот.

– Но, со намалувањето на стапките на вакцинација кај децата, расте ризикот од враќање на многу искоренети  болести – предупредуваат од УНИЦЕФ.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, смета дека вакцините се најголемото достигнување на човештвото. Затоа не се согласува со социјалните мрежи, за тоа што влијаат негативно на родителите, кои се двоумат дали да ги вакцинираат децата. Таа смета дека оние што прележале мали сипаници во тешка форма, биле во голем ризик да го загубат животот. Според неа, не постои научен доказ дека МРП-вакцината предизвикува аутизам.

Анализа на УНИЦЕФ :Тринаесет болести што може да се спречат со редовна вакцинација на децата

Првата болест од која штитат вакцините е туберкулозата, заразна болест предизвиканa од бактеријата mycobacterium tuberculosis, која, главно, ги оштетува белите дробови, иако може да влијае и на другите органи.

Втората болест е заштита од хепатит Б, заболување предизвикано од вирусот hepatitis b (hbv) и е реткост во земјите каде што децата се рутински имунизирани против оваа болест.

Со вакцините има заштитата и од инфекции предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (haemophilus influenza type b – hib). Бактеријата може да предизвика тешки инфекции, особено кај децата под петгодишна возраст, како што се: менингит, пневмонија, сепса, инфекции на коските и зглобовите и тешка инфекција на гласните жици што може да доведе до задушување. Вакцините штитат и од инфекција со рота-вирус (rotavirus), кој може да предизвика сериозна течна столица (дијареја), повраќање, треска и болки во стомакот. Рота-вирусните инфекции се шират лесно кај доенчињата и кај малите деца. Вакцините заштитуваат и од  сериозна пневмококна болест предизвикана од бактеријата пневмокок (streptococcus pneumonie), а дифтеријата е акутна инфективна болест предизвикана од бактеријата corynebacterium diphteriae,  тетанус – акутна и многу смртоносна болест предизвикана од бактеријата clostridium tetani.

На листата на заштита со вакцини е и болеста пертусис (голема кашлица). Таа е многу заразна болест предизвикана од бактеријата bordetella pertussis. Има вакцини и за полиомиелит (poliomyelitis), познат и како детска парализа – болест на централниот нервен систем, предизвикана од инфекција со полиовирус (poliovirus).

Морбилите (малите сипаници) се еден од водечките причинители за смрт кај малите деца на глобално ниво, и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина. Според податоците на УНИЦЕФ, во 2019 година, од мали сипаници умреле повеќе од 200 илјади лица, главно, деца на возраст под 5 години.

Рубеолата е болест предизвикана од рубела-вирусот (rubella virus, rubivirus rubellae). На оваа листа се и заразните заушки (паротит), заразна болест што најчесто ја предизвикува вирусот на паротит.

Најчестиот сексуално пренослив вирус што ги напаѓа кожата и слузокожата на различни делови од човечкото тело, е хуман папилома вирусот, ХПВ (human papillomavirus – hpv), што подеднакво ги погодува и мажите и жените. Вакцината ХПВ штити од овој вирус и од рак на грлото на матката.

 

Со овој текст, весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.