Жителите на општина Карбинци, добиваат нов и модерен пат, инвестиција обезбедена преку Министерството за транспорт и врски од 30 милиони денари. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски е задоволен од работите на локалниот пат.

– Овој локален пат има прогрес од 80  проценти. Очекувам до крај на март да биде во полна функција за жителите од овој регион. Драго ми е што животот на Истокот се подобрува, општините се развиваат, а верувам дека граѓаните директно го чувствуваат бенефитот и поддршката од централната власт – истакна Бочварски.

Патот Таринци – Долни Балван е еден од најважните проекти во историјата на општина Карбинци. Застарената патна инфраструктура во овој дел беше главен проблем за околното население.

Повеќе од 50 години стар локален пат за прв пат ќе добие нов уреден лик со нова осветлена велосипедско пешачка патека. Преку овој проект исто така се подигнува безбедноста во сообраќајот и се стимулира локалниот економски развој.

Инаку, Министерството за транспорт и врски во континуитет ги поддржува општините. Преку реконструкција на улиците и урбаниот развој директно се  помагаат општините и се подигнува нивниот капацитет.

Министерството за транспорт и врски до сега реконструираше преку 180 улици во над 70 општини. Според планираната динамика се очекува до месец јуни да се распишат јавни повици за реконструкција на уште 70 улици за кои општините веќе аплицираа во Министерството за транспорт и врски.