Познатиот фудбалер стана наркобос

331

Серхио Контрерас Пардо, попознат како Коке, во мај годинава беше осуден на шест години затвор за водење меѓународна нарко банда. Казната ќе ги опфати и двете години што ги помина во притвор, па ќе биде ослободен во 2027 година.

Обвинителите првично бараа 16-годишна затворска казна, но беше постигнат договор за признавање на вината откако тој ги призна своите дела. Коке беше еден од 17-те лица обвинети за купување на големо количество дрога, која потоа со камиони била шверцувана во различни европски земји. Групата што ја предводеше беше распуштена во 2019 година.

Ова не е првпат Коке да биде кривично гонет од шпанското правосудство, бидејќи неодамна беше затворен на 20 месеци и плати 15.000 евра за да излезе.

Според обвинителството, клучната улога на фудбалерот во оваа мрежа била што управувал со бизнисот и давал наредби какви количини дрога треба да се купат, по која цена, каде да се носат и кое возило да се изнајми за транспорт.

Истрагата доведе до откривање на голем број телефонски разговори за време на кои Коке разменуваше информации со другите членови на организацијата за тоа како да управуваат со некои од големите пратки со кои ракувале.

-Животот може да биде комплициран. Мора да платите за глупоста. На некои работи треба да се стави крај што е можно поскоро. Доаѓам од населба во Малага од каде што се сите мои пријатели од детството. Имам контакти насекаде, но не сум Пабло Ескобар! Кога ќе слушнете дека сте „меѓународен трговец“ си помислувате: „Што по ѓаволите направив?“, изјави меѓу другото, поранешниот фудбалер во интервјуто за Канал+.

-Како професионален фудбалер имаш среќа да заработиш многу пари. Заработував можеби милион евра годишно. На од другата работа ќе заработиш за два месеци колку во фудбалот за цела година. Но, тогаш си го ризикуваш животот, призна Коке и додаде.

-Затворот е отворен за глупави луѓе. Таму има многу Французи, дури и од Марсеј. Видов многу дресови на Марсеј во затворот. Да можев, ќе донесов различни одлуки во минатото, но тоа е така, додаде Шпанецот.

Кариерата ја заврши во 2017 година, а последниот меч го одигра една година претходно за Арис од Солун. Во тој клуб одигра најмногу натпревари во кариерата, а играше и за Рајо Ваљекано, Малага, Регенсбург и Спортинг Л. Имаше и кратки авантури во САД, Индија и Боливија.