Поднесени пријави против непознат сторител за пожарот на штипската депонија

28

Поднесена е пријава до Секторот за внатрешни работи (СВР)-Штип и до Државниот инспекторат за животна средина за вчерашниот подметнат пожар на депонијата „Трештена Скала“ во близина на Штип, информира денеска директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајче Здравков.

Тој нагласи дека пожарот на депонијата од страна на пожарникарите е изгаснат во доцните вечерни часови, а е намерно предизвикан од страна на непознат сторител. На депонијата гореше индустриско масло, гуми и други запапливи суровини, а искршен е и видео надзорот.

– Ова е четврти пат депонијата да гори последниве неколку месеци, но вчерашниот случај беше најсериозен, вели Здравков.

Раководствата и на останатите комунални претпријатија во источниот регион го имаат сличниот проблем. Сите општини од Брегалничкиот регион ја чекаат изградбата на регионалната фабрика за отпад кај светниколското село Мечкуевци.

– Моментално нема ништо ново околу регионалната депонија за истокот и североистокот од државата. Работите не се мрднати од мртва точка веќе неколку месеци. Чекаме Министерството за животна средина да му ги одземе ингереренциите на Свети Николе од каде јасно кажаа дека се против постојната локација кај Мечкуевци, за да може целиот процес да продолжи, вели Виктор Паунов, градоначалник на Општина Карбинци, кој од страна на Советот на градоначалници на Источно планскиот регион (ИПР) е поставен за координатор за овој проект.
Новата современа фабрика за отпад е наменета за 18 општини од Источниот и Североисточниот регион. Проектот е вреден 46 милиони евра, а средствата се грант од ЕУ.