Погреб на Алексеј Навални: Долги редови на испраќањето на критичарот на Путин, пристигна предупредување од Кремљ/ВИДЕО

62
EPA EFE MAXIM SHIPENKOV
Околу час и половина пред почетокот на богослужбата и погребот, повеќе од 1.000 луѓе веќе се собраа во црквата на Богородица во Москва за да се простат од рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, пишува Гардијан. По црковната панихида, Навални ќе биде погребан на гробиштата Борисовски во Москва.

Панихидата ја водеше свештеник и беше придружен со хорско пеење. Луѓето можеа да поминат покрај отворениот ковчег на покојникот и да му оддадат почит.

Гласни скандирања „Навални“ одекнуваа додека ковчегот на Навални беше изнесен од црната погребна кола по пристигнувањето во црквата, пишува Гардијан. На преносот во живо на Јутјуб можеа да се слушнат и извици „Алексеј“, како и ракоплескање при пристигнувањето на погребната кола во црквата.

Анатолиј и Људмила Навални, родители на Алексеј Навални, беа фотографирани како одат во црквата.

Метални огради беа поставени околу голема површина пред почетокот на церемонијата на московската црква и гробишта, а десетици возила за итна помош и униформирани службеници зазедоа позиции од рано утрото. Службениците ги проверуваат документите и личните работи на минувачите и има извештаи дека мобилните интернет услуги во областа се исклучени.

Веќе има извештаи за апсења при што неколку поддржувачи на Навални биле приведени додека ги напуштале своите станови за да присуствуваат на погребот.

Кремљ предупреди на „неовластени“ демонстрации.

„Секое неовластено демонстрација ќе биде кршење на законот. Оние кои ќе учествуваат во нив ќе одговараат, во согласност со законот“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Медиумите пишуваат дека снајперисти биле поставени на покривите во Москва за време на погребот на Алексеј Навални. Мајката и таткото, Анатали и Људмила Навални, пристигнаа во црквата.

Неговото тело е предадено на неговите роднини и набргу со погребно возило ќе биде пренесено во црквата, соопшти неговата портпаролка Кира Јармиш.

Претходно членовите на неговиот тим се пожалија дека сè соочуваат со потешкотии во организацијата на церемонијата. Неговата портпаролка Кира Јармиш потврди дека не успеале да најдат погребна кола за да го однесат телото во црквата.

Леонид Волков, шеф на кабинетот на покојниот руски опозиционер, во серија објави на „Икс“ рече дека не е сигурен како ќе се однесуваат властите и полицијата.

Групите за човекови права ги советуваа луѓето што присуствуваа на церемонијата да ги запишат контактите на адвокатите што може да им помогнат доколку бидат уапсени. Тие исто така беа поканети да ги понесат со себе пасошите и мали шишиња со вода.