EPA-EFE/ALON SKUY

Ако им веруваме на медиумите во Јужноафриканската Република, најпознатиот параолимпиец на сите времиња, Оскар Писториус, ќе биде пуштен на слобода веќе следната недела. Пред десет години, на „Денот на вљубените“, тој ја уби својата девојка Рива Стинкамп, испукувајќи неколку истрели од пиштол кон неа низ вратата од бањата.

Поради ова шокантно убиство, тој беше осуден на 13 и пол години затворска казна, но, како што пишуваат тамошните медиуми, се очекува во петок да се појави пред судија и да побара да биде ослободен од затвор. Родителите на убиената девојка, Бери и Џун Стинкамп, јавно кажаа дека се против помилувањето на Писториус.

  • Тој е убиец и треба да остане во затвор, истакна Бери Стинкамп на 10-годишнината од смртта на неговата ќерка.

Сепак, поранешниот спринтер, кој сега има 36 години, ќе се појави пред советот и ќе го изнесе својот случај, а ќе се земат предвид неколку работи: делото што го направил, неговото однесување во затвор, дали се покајал и дали учествувал во некои едукативни програми поврзани со делото што го сторил. Конечно, ќе се оценува дали неговото пуштање би било опасно за околината во која се наоѓа.

Адвокатот на Писториус, Џулијан Најт, претходно изјави дека неговиот клиент е „примерен затвореник“, а доколку не успее сега да биде ослободен, ќе мора да ја отслужи целата казна, односно уште три години ќе остане зад решетки. Некогаш успешниот спортист на крајот на 2014 година замина зад решетки, велејќи дека сега одлежал повеќе од половина од казната и има право да бара помилување и намалување на казната.

Во својата кариера освои шест злата и вкупно осум медали на Параолимписките игри, а успеа да настапи дури и на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, каде што стигна до полуфиналето на трката на 400 метри.