Пензионерите со највисоки пензии ќе добијат зголемување од 4.500, а оние со најниски – 850 денари!

Усогласувањето на пензиите во согласност со новата методологија се врши двапати во годината, односно во март и во септември, и ги следи растот на трошоците за живот и на просечната плата. Со ова зголемување, оние пензионери кој имаат најголеми пензии ќе добијат зголемување од 4.507 денари, а оние со најниски од 853 денари. Оваа голема разлика на сумата на зголемувањето на пензиите наиде на низа коментари на социјалните мрежи. Граѓаните велат дека не е во ред зголемување во проценти, зашто големите пензии ќе станат уште поголеми, а кај најмалите нема ни да се осети зголемувањето. Трошоците се зголемени за сите и затоа и зголемувањето треба да биде исто за сите...

31946

Од март годинава сите пензии ќе се зголемат за 7 отсто. Порастот на пензиите е пресметан во согласност со новата методологија која налага постојан раст на пензиите, според трошоците за живот и порастот на просечната плата. Со ова зголемување оние пензионери кои имаат најголеми пензии ќе добијат зголемување од 4.507 денари, а оние со најниски од 853 денари. Оваа голема разлика на сумата на зголемувањето на пензиите наиде на низа коментари на социјалните мрежи. Граѓаните велат дека не е во ред зголемување во проценти, зашто големите пензии ќе станат уште поголеми, а кај најмалите нема ни да се осети зголемувањето. Трошоците се зголемени за сите и затоа и зголемувањето треба да биде исто за сите. Не може тие што земаат високи пензии да им бидат зголемени за речиси 5.000 денари, се само дел од коментарите на граѓаните.

Премиерот Димитар Ковачевски се пофали дека ова е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година.

-Оваа методологија, која ја утврдивме заедно со Сојузот на здруженијата на пензионери, работена според швајцарскиот модел, дава резултати на долг рок. Усогласувањето, според оваа методологија се врши два пати во годината, односно во март и во септември и ги следи промените во двата индекса за усогласување. На овој начин осигуривме заштита на пензионерите во осцилациите на трошоците за живот и ги поврзавме покачувањето на пензиите со покачувањата на просечната плата, изјави Ковачевски.

Пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски, на својот фејсбук-профил напиша дека од март годинава над 330 илјади пензионери ќе добијат зголемување од 7 отсто.

Со ова зголемување ако се земе износот на просечната пензија, која е исплатена во декември 2022 година од 17.727 денари, во согласност со последните податоци објавени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, тогаш доколку официјално биде потврдено зголемување на пензиите од 7 отсто, просечната пензија ќе се зголеми за најмалку 1.240 денари, односно ќе треба да изнесува најмалку 18.967 денари.

Највисоката пензија во државата во декември 2022 година изнесувала 64.394 денари, а корисници биле 74 пензионери. Оваа група на пензионери во март ќе добијат зголемување за 4.507 денари, односно пензиите ќе им изнесуваат најмалку 68.901 денари.

Додека пак, најсиромашните пензионери, кои се вбројуваат во групата на минимални пензии во износ од 11.535 денари, а која ја примаат 45.977 пензионери, со мартовската пензија ќе добијат зголемување од околу 807 денари, односно пензијата ќе им изнесува 12.342 денари.

Следната група од пензионери со најниски пензии се оние кои во декември минатата година зеле пензија во износ од 12.193 денари, а нивниот број, согласно податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бил 17.515 пензионери. Оваа група се очекува да добие повисоки пензии за 853 денари, односно мартовската пензија да им изнесува 13.046 денари.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која викендов имаше повеќе средби со граѓани, најави дека пензиите од март може да се покачат за 8,4 отсто.

-Со мартовската пензија пензионерите ќе добијат покачување од 8,4 отсто. Ова е начин да им обезбедиме спокојни пензионерски денови и да им се оддолжи на оние кои работеле и ја граделе државата. Владата ќе работи и во наредниот период за да има пари за повисоки пензии, рече Тренчевска.

За една година пензиите се зголемија за 16 отсто, а со ова последно зголемување, тој вкупен раст ќе достигне 24 отсто.

(А.С.)