Уставните измени од една страна, предвремени избори од друга страна. Реконструкцијата на влада помина, а ниту власта ниту опозицијата не ја менуваат реториката. Без оглед на обидот за надминување на политичката криза, парламентарното мнозинство се зголеми само за еден пратеник, а власта и опозицијата останаа на зацементираните партиски позиции. И покрај фактот што испразнетите места на „Илинденска„ се пополнија, а власта е во плус со еден пратеник, се чини дека политичката криза ќе се продлабочува.

Познавачите на политичките прилики очекуваат дека работите нема многу да се променат – политичката криза ќе трае, а сето тоа ќе го користи Бугарија.

Професорот Мерсел Биљали, во изјава за весникот ВЕЧЕР, потенцира дека сите се свесни дека кризата ќе се продлабочува. Според него, ситуацијата со уставни измени е евтина приказна со Бугарија, и не е случајно, како што вели што сме тука кај што сме.

Натегањето околу уставните измени е детска приказна од страна на власта, а брука за опозицијата. Таа да имаше грам памет и идеал, ќе направеше проект и визија за излез од постојната состојба, а не целата своја енергија да си ја троши во одбивањето уставни измени. Тие се наши граѓани кои не смееме да ги дискриминираме, без оглед како се однесува Бугарија. 

Тоа е жално за сите граѓани на кои им е уништена и надежта. Taквите наводно непопустливи дневно-политичи позиции се доказ дека желбата за владеење нема друга цел, освен голо владеење по секој цена. И не е случајно што сме тука кај што сме.. Државата со декади нема ниту основни потребни вредности за да тргне напред. Таа нема мерит-систем кој е клучот за да тргнете кон развојот. Имаме партиски листи како замена на знаењето. Нема ефикасна развојна стратегија, ниту знаење како тоа се прави. Тоа ниту во сон не е можно со партиски кадри. Нема судство или таа како таква е за брука. Државната администрација е двојна поголема од потребите, башка што е полна со партиски незналици.  Но, ова е нашата судбина. Дека се продлабочува кризата кај нас, тоа одамна го знаеме. Ние докажуваме дека под дното на пеколот има уште едно дно специјално за нас, коментира професорот Биљали, во изјава за весникот ВЕЧЕР.

За политикологот Владимир Божиновски, разбирлив е ставот на опозицијата, која веќе подолг период најавува дека би поддржала уставни измени само доколку добие гаранции од ЕУ дека нема да има понатамошни барања од Бугарија. Според него, изборите се решение од ваквата статус-кво ситуација, која како што вели, единствено и оди во прилог на Бугарија.

-Ние не сме излегле од криза па сега да има криза. Опозицијата има став дека тие немаат мандат од граѓаните  да гласаат за уставни измени, не беа прашани и не гласа кога се гласаше договорот, кој прво за премиерот Димитар Ковачевски беше лош, па по една недела добар.

Опозицијата во неколку наврати рече дека доколку се обезбедат одредени гаранции би можеле да дадат поддршка н уставните измени и мислам дека тоа е принципиелен став. Од друга страна, власта постојано ги распродава државните интереси, како што беше случајот со Грција, сега и со Бугарија и сите тие процеси и договори што се потпишаа навлегуваат и ги ослабуваат темелите на државноста и не гледам како му е тоа во корист на кој било затоа што за нив не постои никаква граница.  Кој што ќе побара власта ги исполнуваа барањата и затоа ние сме во ова ситуација. Бугарите почувствуваа дека сега е за нив е моментот да си ги остварат нивните санстефански соништа, кои ги имаат седумдесетина години наназад и затоа ставија вето и барат сешто. Билатерален спор стана дел од преговарачката рамка, сите си ги гледаат своите интереси освен оваа власт, но пак ќе кажам доколку се добијат гаранции дека тој билатерален спор нема да бидат дел од оценките од нашиот напредок кон ЕУ, но вака како што е во моментот, само ќе се продлабочи кризата и Бугарите буквално ќе нè кочат за сè, без оглед на тоа што ние сме направиле, какви реформи и колку сме постигнале.  Со ваквиот пристап од страна на власта, ако споредуваме, ние сме во поделикатна ситуација за разлика од пред пет години, имаме само предуслови , немаме гаранции од никого, немаме ветувања, само преговори за преговори. И со оглед на сето ова, разбирливо е што опозицијата  има барања за некакви гаранции, кои ќе ги спречат бугарските власти  за големобугарски барања. Кризата секако дека ќе се продлабочува и затоа се потребни избори, за идната власт да има легитимитет. Ковачевски нема легитимитет за уставни измени, кој го знаеше премиерот на последните избори?  Ако мислат дека имаат поддршка и дека граѓаните тоа го поддржуваат нека има избори па нека продолжат, а вака како што е во моментов  сè се сведува само на отстапки што треба да ги направи Македонија, коментира Божиновски.

Месеци наназад ниту власта ниту опозицијата не ја менуваат партиската реторика. Владејачките СДСМ и ДУИ постојано повикуваат на гласање за уставните измени, а неретко излегуваат со изјави дека потребните 80 пратеници се обезбедени. Опозицијата пак, и понатаму инсистира на предвремени парламентарни избори.    (Ј.Ц.Г.)