Во буџетот за наредната година се планирани 773 милиони евра за капитални инвестиции, кои, според власта, се доволни да обезбедат развој на стопанството и подобар стандард на граѓаните.

Но, според експертите, не се доволни и не веруваат дека тие ќе се реализираат во изборна година. Според нив, на државата ѝ се потребни повеќе инвестиции во образованието, здравството, високата технологија и во областите што ги поттикнуваат растот и развојот, а со тоа и стандардот на граѓаните.

Експертите коментираат дека ситуацијата со реализацијата на инвестициите се повторува со години. На почетокот, Владата планира високи инвестиции и се фали со развоен буџет, но со ребалансите, ги пренаменува тие пари за плати и за други трошоци, па на крај ни скратените не ги троши целосно.

– Се надеваме дека оваа година ќе ги реализираат капиталните расходи што се планирани на 773 милиони евра. Досега годинава, имаме реализација од 67 отсто од капиталните инвестиции, и тоа во неизборна година, со нормален тек на функционирање. Така што се сомневам дека капиталните инвестиции ќе се реализираат, бидејќи наредната година ќе почнат да се занимаваат со изборите, претседателски и парламентарни, и додека се формира нова влада, ќе фати јуни. Освен тоа, Владата и министрите нема да влегуваат во ризици без да бидат сигурни дека ќе останат на власт – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

И економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека капиталните расходи се нереално проектирани.

– Капиталните расходи се проектирани на 730 милиони евра, што е малку пониско од ланските 800 милиони, ама е, сепак, крајно нереално. Македонија не успева да реализира 730 милиони јавни инвестиции во две години, а не, пак, во една. Ако се реализираат 500 милиони, ќе биде огромен успех – изјави Јовановиќ за ВЕЧЕР.

Според економските експерти, за реално да пораснат платите, мора да порасне економијата, а не може да се случи тоа ако немаме реален раст на инвестициите во секторите како здравство, образование земјоделство…

– Ние имаме недостиг на економска активност во државата и на прво место ја ставаме социјалната компонента наместо економската. Владата носи популистички социјални мерки само за да ја смири ситуацијата на кратко. Македонија го губи чекорот во однос на земјите во регионот, бидејќи нема стратегија за развој, а економијата ја базира на дневнополитички мерки. За да имаме реален економски раст, мора да имаме реализација на инвестициите над 60 отсто и реален раст на инвестициите во здравството, образованието, земјоделството… – изјави за весникот ВЕЧЕР Абил Бауш, економски аналитичар.

Минатата година, на почетокот беа планирани 620 милиони евра за капитални трошоци, со ребалансот се скратија на 530 милиони евра и на крај беа реализирани 465 милиони.

Една анализа на „Фајнанс тинк“ покажува дека Владата нема капацитет за реализација на толку високи капитални инвестиции. Без разлика на почетната проекција, моменталниот капацитет за реализација на капиталните расходи се движи до 450 милиони евра.

Капиталните инвестиции од 2017 до 2021 година се движеле од 200 до 380 милиони евра годишно, а реализацијата била од 50 до 74 отсто од првично планираното. Исклучок е 2021 година, кога реализацијата надминала 97 отсто.

(А.С.)